„Русал“ го намалил производството на алуминиум за 10 отсто за да се прилагоди на високите цени на бокситот, изјави во понеделникот челничката на руската компанија, истовремено истакнувајќи го притисокот од санкциите.
„Русал“ е втор меѓу водечките светски производители на примарен алуминиум, веднаш зад кинеската „China Hongqiao Group Limited“.
Минатата 2024 година, руската компанија произвела 3,992 милиони тони алуминиум, што е за 3,7 проценти повеќе отколку во 2023 година, со удел од 5,5 отсто во глобалното производство.

Нејзините приходи се намалиле за 1,1 отсто минатата година, на 12,08 милијарди долари, според извештајот објавен во март, а обемот на продажба се намалил за 7,1 процент. Нето добивката речиси се зголемила за трипати, на 803 милиони долари.
На крајот од ланскиот ноември, „Русал“ објави дека ќе го намали производството на алуминиум поради рекордно високите цени на бокситот и зголемениот ризик од континуирано негативно макроекономско опкружување.
„Во првата фаза од програмата, производството ќе биде намалено за 250.000 тони“, рекоа тогаш од руската компанија, истакнувајќи дека повеќе од една третина од бокситот се набавува во странство, по пазарни цени, а тоа значително ја намалува заработката.
Од почетокот на 2024 година, цените на бокситот се зголемија повеќе од двојно на над 700 долари за тон, така што суровината сега сочинува нешто повеќе од половина од готовинската цена на алуминиумот, во споредба со „нормалните“ 30 до 35 проценти, објаснија тие на 25 ноември.
Цената на алуминиумот е попречена од слабата макроекономска средина и вишокот понуда, додадоа.
„Русал“ го намалува производството од минатата година, изјави во понеделник потпретседателката Елена Безденежних.
„Досега го намаливме обемот на производство за 10 проценти, подеднакво во сите фабрики, вклучително и оние во Сибир“, изјави во понеделникот потпретседателката на Русал, Елена Безденежних.
Причините не треба посебно да се објаснуваат, додаде Бездењежних, посочувајќи на притисокот од санкциите. Сепак, производството не е запрено во ниту еден погон, додаде таа.
Во февруари, Европската комисија ја прошири забраната за увоз на алуминиумски производи од Русија на примарен алуминиум, со квоти од 275 илјади тони во период од 12 месеци за да се олесни транзицијата. И Вашингтон и Лондон го следеа примерот на ЕУ, ограничувајќи ја употребата на руски алуминиум на глобалните берзи за метали и во тргувањето со OTC деривати.
На крајот од февруари, компанијата објави дека гради фабрика за производство на скандиум во близина на Урал со капацитет до 19 тони годишно. Компанијата соопшти дека ќе инвестира 500 милиони рубли (5,73 милиони американски долари) во проектот, а производството треба да започне до крајот на годината.
Скандиумот спаѓа во групата технолошки минерали и се користи во легури со алуминиум во производството на воени и цивилни бродови и авиони. „Русал“, исто така, ги истакна можните примени во производството на вагони и во печатењето на тродимензионални протетски направи.
Слични новости
BYD ја удвои добивката на почетокот на годината
Кинескиот производител на електрични автомобили BYD објави дека го удвоил профитот во првиот квартал, зголемувајќи ја својата предност пред конкурентите на најголемиот пазар во светот преку ценовна војна
Раст на берзите во Европа и Азија
Цените на акциите пораснаа на европските берзи во понеделник претпладнето, продолжувајќи го позитивниот тренд од минатата седмица, додека инвеститорите чекаат нови квартални деловни извештаи од европските компании
Доларот стагнира, нафтата поскапе
На валутните пазари, во понеделникот претпладнето стагнира вредноста на американскиот долар во однос на кошничката на валути