„Русал“ го намалил производството на алуминиум за 10 отсто за да се прилагоди на високите цени на бокситот, изјави во понеделникот челничката на руската компанија, истовремено истакнувајќи го притисокот од санкциите.
„Русал“ е втор меѓу водечките светски производители на примарен алуминиум, веднаш зад кинеската „China Hongqiao Group Limited“.
Минатата 2024 година, руската компанија произвела 3,992 милиони тони алуминиум, што е за 3,7 проценти повеќе отколку во 2023 година, со удел од 5,5 отсто во глобалното производство.

Нејзините приходи се намалиле за 1,1 отсто минатата година, на 12,08 милијарди долари, според извештајот објавен во март, а обемот на продажба се намалил за 7,1 процент. Нето добивката речиси се зголемила за трипати, на 803 милиони долари.
На крајот од ланскиот ноември, „Русал“ објави дека ќе го намали производството на алуминиум поради рекордно високите цени на бокситот и зголемениот ризик од континуирано негативно макроекономско опкружување.
„Во првата фаза од програмата, производството ќе биде намалено за 250.000 тони“, рекоа тогаш од руската компанија, истакнувајќи дека повеќе од една третина од бокситот се набавува во странство, по пазарни цени, а тоа значително ја намалува заработката.
Од почетокот на 2024 година, цените на бокситот се зголемија повеќе од двојно на над 700 долари за тон, така што суровината сега сочинува нешто повеќе од половина од готовинската цена на алуминиумот, во споредба со „нормалните“ 30 до 35 проценти, објаснија тие на 25 ноември.
Цената на алуминиумот е попречена од слабата макроекономска средина и вишокот понуда, додадоа.
„Русал“ го намалува производството од минатата година, изјави во понеделник потпретседателката Елена Безденежних.
„Досега го намаливме обемот на производство за 10 проценти, подеднакво во сите фабрики, вклучително и оние во Сибир“, изјави во понеделникот потпретседателката на Русал, Елена Безденежних.
Причините не треба посебно да се објаснуваат, додаде Бездењежних, посочувајќи на притисокот од санкциите. Сепак, производството не е запрено во ниту еден погон, додаде таа.
Во февруари, Европската комисија ја прошири забраната за увоз на алуминиумски производи од Русија на примарен алуминиум, со квоти од 275 илјади тони во период од 12 месеци за да се олесни транзицијата. И Вашингтон и Лондон го следеа примерот на ЕУ, ограничувајќи ја употребата на руски алуминиум на глобалните берзи за метали и во тргувањето со OTC деривати.
На крајот од февруари, компанијата објави дека гради фабрика за производство на скандиум во близина на Урал со капацитет до 19 тони годишно. Компанијата соопшти дека ќе инвестира 500 милиони рубли (5,73 милиони американски долари) во проектот, а производството треба да започне до крајот на годината.
Скандиумот спаѓа во групата технолошки минерали и се користи во легури со алуминиум во производството на воени и цивилни бродови и авиони. „Русал“, исто така, ги истакна можните примени во производството на вагони и во печатењето на тродимензионални протетски направи.
Слични новости
Цените на нафтата близу 67 долари
Цените на нафтата се задржаа под нивото од 67 долари на меѓународните пазари во понеделникот, што ја одразува нервозата на трговците поради трговската војна меѓу САД и Кина, која би можела да ја ограничи побарувачката, и сигналите од водечките производители дека би можеле да ја зголемат понудата
Ограничена маржа за скоро сите производи ако трговците пак ги зголемат цените, најавува Дурмиши
Ако трговците не се однесуваат како што треба или ги зголемуваат пак цените, ќе има поригорозни мерки од она што го имаме сега. Ако сега се опфатени 102 групи на основни прехранбени и непрехранбени производи тоа значи деа ќе опфатиме уште повеќе групи
Раст од 2,6 проценти на македонскиот БДП годинава, а 2,5 во 2026. предвидува Светската банка
Раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, од 2,7 во 2026, а од 2,8 проценти во 2027 година, прогнозира Светска банка во денеска објавениот Редовен економски извештај за Западен Балкан