Американскиот државен секретар Марко Рубио доцна во неделата изјави дека е „многу оптимистичен“ во врска со можноста за постигнување договор за Украина „многу наскоро“, по денот минат во разговори во Женева со украинските и европските претставници.

„Направивме огромен напредок и затоа сум многу оптимист во врска со можноста за постигнување договор во многу разумен временски рок, многу наскоро“, изјави Рубио пред новинарите, додавајќи дека денеска имале една цел: да ги одберат точките од планот, кои беа 26 или 28 во зависност од верзијата, и да се обидат да се фокусираат на оние што се „отворени ставки“.

Рече дека преговарачките страни постигнале значителен напредок, но додаде дека за секој конечен договор ќе мора да се договорат претседателите и дека сè уште има неколку прашања на кои мора да продолжат да работат.

 

Рубио нагласи дека денешните мировни разговори биле многу продуктивни, но исто така рече дека сè уште не сака да зборува за конечно решение.

„Сè уште има работа што треба да се направи, но денес отидовме многу подалеку отколку каде што бевме кога почнавме утрово, а особено во споредба со каде што бевме пред една седмица“, им рече Рубио на собраните новинари.

Некои од спорните точки се однесуваат на семантиката, рече тој, додека други бараат одлуки и консултации на повисоко ниво, а во случај на трети, едноставно е потребно повеќе време за обработка. Рубио рече дека ова е жив документ, додавајќи дека се менува секојдневно, во зависност од тоа колку придонесуваат заинтересираните страни.

Рубио беше прашан од новинарите и за претходните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп дека Украина е неблагодарна за поддршката од САД. Дипломатот одговори дека разговарал со Трамп по тие коментари и дека претседателот сега е „прилично задоволен“ од напредокот што американската делегација го постигнала досега во мировните преговори.

На прашањето од новинарите дали САД се отворени за идејата за осигурување безбедносни гаранции за Украина, тој рече дека нема намера да разговара за деталите за тоа на што се работи, но додаде: „Сите разбираме дека дел од конечниот крај на оваа војна ќе бара Украина да се чувствува безбедно. Тоа е очигледно нешто што треба да се дискутира и мислам дека постигнавме значителен напредок по тоа и други точки“.

Кратко пред Рубио да разговара со новинарите, Зеленски објави на социјалните мрежи дека додека преговорите продолжуваат, има „сигнали дека тимот на претседателот Трамп нè слуша“. Тој рече дека е добро што дипломатијата е „активирана“ и дека очекува понеделник да биде подеднакво активен.

Рубио рече дека претставниците во Женева ќе продолжат да работат на мировниот план утре. Потсети дека процесот на преговори за гореспоменатиот план трае веќе три седмици, но значително се забрзале последните 96 часа. Им кажа на новинарите дека не видел никаков европски противпредлог на оној што се дискутира во последните неколку дена.

Американските и украинските претставници наводно разговараат и за можна посета на Зеленски на Вашингтон уште оваа седмица за да разговараат за мировниот план со Трамп, изјавија во неделата два извори запознаени со ова прашање, како што објави Reuters.

Еден од изворите рече дека главната идеја била Трамп и Зеленски да разговараат за најчувствителните прашања што ги покренаа САД во предлогот, како што е територијалното прашање.

Сè уште не е потврден датум, рeкол изворот.

globe

Слични новости

Замир постави нова граница со Појасот Газа

Замир постави нова граница со Појасот Газа

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека линијата до која се повлекоа израелските сили сега е новата граница меѓу Израел и палестинските територии

Индонезија се справува со последиците од поплавите во кои загинаа над 900 луѓе

Индонезија се справува со последиците од поплавите во кои загинаа над 900 луѓе

Индонезија се справува со последиците од масовните лизгања на земјиштето и ненадејните поплави предизвикани од циклонот на островот Суматра минатата седмица, при што бројот на жртвите во неделата надмина 900 луѓе