Од друга страна, укажува Ју, сведоци сме на зголемена домашна несигурност во неколку економии во Западен Балкан. Побавната економска активност во Европската унија и зголемената глобална трговска несигурност би можеле негативно да влијаат врз изгледите за раст во регионот.
Според Светска банка, глобалната трговска несигурност веројатно негативно ќе влијае врз Западен Балкан како резултат на забавувањето на економската активност во еврозоната. Ваквото забавување би можело да ја намали трговијата со стоки и услуги, како и инвестициите и дознаките.
Во извештајот се наведува дека за време на овие периоди на несигурност, диверзификацијата на изворите на раст и обновата на агендата на структурни реформи се најделотворните стратегии за одржување на економската отпорност. Клучните мерки вклучуваат отстранување на пречките на пазарот на трудот – вклучувајќи ги и оние кои негативно влијаат врз жените – подобрување на регионалната економска интеграција, подобрување на стандардите за управување, како и зголемување на пазарната конкуренција за поттикнување на продуктивноста и поддршка на долгорочниот раст. Освен тоа, посочува СБ, за земјите на Западен Балкан, побрзото спроведување на реформите за пристапување во ЕУ – како што се приклучувањето во Единственото подрачје за плаќање во евра (СЕПА) и воведувањето на „зелени ленти“ за рационализирање на прекуграничната трговија – би можело дополнително да ја подобрат довербата на бизнисите, да привлечат инвестиции и да го поттикнат создавањето на работни места.
Во извештајот исто така се нагласува како зголемувањето на температурите и екстремните временски прилики, заедно со преодот кон економија со ниско ниво на јаглерод ги преобразуваат секторските вработувања во регионот, што пак бара значително прилагодување на работната сила.
Според Светска банка, шесте земји на Западен Балкан треба да дадат приоритет на реформирањето на своите системи за социјална заштита и услугите за вработување. Ова ќе ѝ помогне на работната сила во секоја од овие земји да се справи со негативните временски прилики како што се поплавите, сушите и шумските пожари и да биде подготвена за нови можности за вработување чии главен двигател е зелената транзиција.
„Зајакнувањето на системите за заштита на приходите на трудот да одговорат на потресите на вработувањето и подобрувањето на флексибилноста на системите за социјална заштита би можело да помогне во спречување на луѓето да западнат во сиромаштија. Освен тоа, преквалификацијата на работниците за зелени работни места би помогнала да се одговори на еволуирањето на побарувачката за вештини, промовирање на продуктивноста и растот“, укажува Светска банка во Редовниот економски извештај за Западен Балкан.
Претходно, Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај, наведе дека растот на македонската економија оваа и следната година ќе изнесува 3,2 проценти, со стапка на инфлација од 3,4, односно 2,2 проценти.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, по објавата на извештајот на ММФ, оцени дека проекцјата на Владата за раст на економијата на земјава од 3,7 проценти е реална.
„Оваа криза која дава голема неизвесност ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Капацитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е сепак на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 проценти е реална“, рече Димитреска Кочоска при учеството на Пролетните средби на Групацијата на ММФ и Светска банка.