Комисијата за избор на кандидат на Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур предложи тројца кандидати кои ќе бидат испратени на разгледување до експертскиот панел на Советот на Европа. Станува збор за адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска и професорот Сашо Георгиевски.
Како што информираше претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски на денешната прес-конференција, одлуката ја донеле врз основа на критериумите за висок морален углед, квалификации за судиска функција и признат правнички углед.
„Мал број на кандидати што го исполнуваа вториот услов, квалификации за вршење на судиска функција. Професорот Георгиевски е признат како угледен стручњак, додека, двајцата адвокати избрани имаат неспорно значајни искуства во човекови права“, рече тој.
Како што информираше, се гласало тајно за сите кандидати, двајца од избраните кандидати добиле по пет гласа, еден четири.
До крајот на неделата имињата ќе бидат испратени до експертскиот панел на Советот на Европа, кој ќе даде конечна оценка.
„Кога ќе го добиеме одговорот, ние тогаш на Владата ќе ѝ кажеме дека нашиот избор го добил или не го добил зеленото светло од експертскиот панел и во зависност од одговорот постапката продолжува“, појасни Костадиновски.
Како што дополни, откако ќе ја известат Владата, таа треба да ги предложи до Комитетот при Советот на Европа.
„Потоа ќе се спроведе постапка на интервјуирање од Комитетот при Советот на Европа, дури после тоа предлогот оди на пленарен состанок на Совет на Европа. Следниот е во јануари, се сомневам дека ќе стигнеме, другиот е во април, до април треба да стигнеме“, рече Костадиновски.
Покрај избраните, меѓу кандидатите биле Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ и Ана Дангова Хуг.
Претседателот на Уставниот суд информираше и дека Комисијата постапувала согласно насоките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која претходно имаше замерки за можен судир на интереси. Тој нагласи дека по одлуката на ДКСК, дел од членовите за кои било побарано изземање, се изземале од гласање за одредени кандидати.
Владата во јули годинава ја поништи претходната предлог листа и формира нова Комисија, во која наместо претходните девет, брои пет члена и тоа претседателот на Уставниот суд, Дарко Јаневски, заедно со претседателите на Врховниот суд Африм Фидани, Основниот кривичен суд Даниела Димовска, Основниот граѓански суд Бесник Авдија и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска Стрезоски.
Слични новости
Британска амбасада: Британско- македонското стратешко партнерство е фокусирано на продлабочување на економската и безбедносната соработка
Во врска со пишувања во некои британски медиуми и реакции во земјава за наводно отворање мигрантски кампови, Британската амбасада објави на социјалните мрежи статус со кој посочува дека двете земји имаат воспоставено Стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји
СДСМ: Не чисти СОЗР, „чисти“ семејната фирма на Томовски
Од државни институции и од општини, водени од ДПМНЕ, семејната фирма на Томовски која го менува името добила: неверојатни 5 милиони и 360 илјади евра или вкупно 161 тендери, порача на партиска конференција за медиумите Александар – Саша – Димитријевиќ, од Централен одбор на СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ на партиски конгрес ќе го избира старо-новиот претседател
Во Кавадарци денеска се одржува 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој се очекува да биде реизбран за претседател Христијан Мицкоски – единствениот кандидат за функцијата


