Продажбата на нови автомобили во Европската унија е намалена за околу два отсто во ноември, покажаа податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) во четвртокот.
Регистрациите на нови автомобили се намалени на годишно ниво за 1,9 отсто, на 869.816 возила. Во октомври тие се зголемени за 1,1 отсто.
Меѓу четирите најголеми пазари, најмногу падна Франција – за 12,7 отсто, а на второ место е Италија, каде што продажбата е намалена за 10,8 отсто. Истовремено, продажбата во Шпанија е зголемена за 6,4 отсто, а во Германија е поголема за 0,5 отсто.

Во ноември, обемот на продажба на електрични автомобили на батерии падна за 9,5 отсто во однос на истиот месец минатата година, при што пазарниот удел се намали од 16,3 отсто во октомври на 15 отсто. Ваквиот пад првенствено се припишува на значителното намалување на регистрациите во Германија и Франција.
Побарувачката за plug-in хибриди е намалена и во ноември, за 8,8 отсто. Но, од друга страна, новите регистрации на хибридно-електрични возила се зголемени за 18,5 отсто и нивниот пазарен удел е 33,2 отсто, наспроти 27,5 отсто во ноември минатата година.
Продажбата на автомобили на бензин е намалена за 7,8 отсто, поради падот на сите четири главни пазари. Пад за 15,3 отсто бележи и пазарот на автомобили на дизел, што се должи на падот на повеќето пазари.
Во текот на првите 11 месеци од оваа година, продажбата на нови автомобили се зголеми за 0,4 отсто и достигна 9,7 милиони единици. Од поголемите пазари, за ова најмногу придонесе Шпанија, со раст на продажбата од 5,1 отсто.
Слични новости
Раст на европските берзи пред одлуките на ЕСВ
На европските берзи индексите пораснаа во четвртокот претпладнето, втор ден по ред, бидејќи инвеститорите очекуваат дополнително намалување на каматите од страна на Европската централна банка
Доларот под притисок, цената на нафтата расте
На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути во четвртокот во претпладневното тргување падна трет ден по ред
Волстрит зајакна по два дена остри падови
Цените на акциите пораснаа на Волстрит во средата, по два дена остар пад, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораките од Белата куќа кои укажуваат на олеснување на царините од Вашингтон