Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти на Министерството за внатрешни работи во саботата уапсила четири лица за посредување при вршење проституција и перење пари. Според досегашните сознанија на МВР, во периодот од декември лани бразилска државјанка, со дозвола за привремен престој во земјава, заедно со двајца македонски државјани и со две неидентификувани лица од Португалија организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил.
Поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела посредување при вршење на проституција и перење пари и други приноси од казниво дело приведени се Д.Ј., Н.М. (34), М.М. (57) и С.Д. (47), додека четвртоосомничениот Н.М. (23) се товари за за кривично дело – перење пари и други приноси од казниво дело.
„Тие, во посочениот период, заради вршење на проституција, прифатиле пет бразилки од 26 до 38 години кои ги сместувале во претходно изнајмени станови во Скопје, во комплексот „Џевахир Холдинг“. Девојките во двата стана каде што биле сместувани давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле постирани телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина“, се наведува во соопштението.
МВР информира дека првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти: го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка.
Го определувала времетраењето на давање на услугите кои се движеле од 150 евра за половина час; 200 евра еден час; 300 евра два часа; 450 евра за три часа и 800 евра за цела ноќ за сексуални услуги; одобрувала дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра и повеќе; и гарантирала за безбедноста на девојките.
За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките што ја делела со второ и третоосомничениот кои пак организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР посочуваат дека со намера да го прикрие вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства, првоосомничената дел од паричните средства преку систем за електронски трансфер на пари уплаќала 26.151 евра кон четири лица во Португалија и три лица во Бразил.
„Второосомничениот пак, во два наврати дел од паричните средства стекнати од претходно сторено кривично дело во износ од 3.000 долари ги уплатил кон едно лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите, а направил и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот преку субагент за трансфер на пари износ од 1.965 евра испратил на првоосомничената на нејзина сметка во Португалија, а 150 евра испратил кон физичко лице во Колумбија“, пишува во соопштението.
Четвртоосомничениот пак, кој во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките, дури и со одобрување на првоосомничената и со паричен надоместок од најмалку 5000 евра по патување, што и било исплаќано на првоосомничената, бил придружуван од девојката при неговите патувања во Рим и Лондон.
Откако ја стекнал довербата на девојката, со цел да ги пушти во оптек и да го прикрие потеклото на паричните средства што девојката ги прибавила со извршување на казнивото дело „Оддавање на проституција“ по чл.19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, и креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со крипто валути, иако знаел дека парите девојката ги прибавила со казниво дело.
Преку профилот и со поседување на електронски паричник, девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства, велат од МВР.
Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, полициски службеници на подрачјето на Скопје и Куманово извршиле пет претреси во дом и други простории кај пријавените лица.
„Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се 10 мобилни телефонски апарати, седум СИМ картички, лаптоп, два пиштоли, одредена сума на македонски денари и странски девизи, потврди за брз трансфер на пари, договор за закуп на стан, четири банкарски картички, информираат од МВР.
Слични новости
Шукова; За бегството на Груби одговорноста ја сносат Тошковски и МВР
За бегството на Артан Груби одговорноста треба да си ја сноси МВР и Тошковски. Редно време е власта да почне да се однесува како власт, а не како опозиција и за сите пропусти кои им се случуваат да обвинува некој друг., рече потпреседателката на СДСМ, Каја Шукова, во дебатната емисија „Анализа“ на 24 телевизија.
Втор ден од посетата на Мицкоски на Брисел
Премиерот Христијан Мицкоски, кој од вчера престојува во посета на Брисел, денеска ќе учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП) на кој главни теми ќе бидат подготовките за денешниот Европскиот совет и проширувањето на ЕУ.
Мицкоски: Нашето место е во ЕУ, да бидеме рамноправна и полноправна членка
Присутни сме во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите