Од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова засега нема реакција за предистрагата за наводна шпионска афера во нејзиниот кабинет.

Предистрагата е отворена по кривична пријава лани во декември, кога Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) добило известување од МВР дека информатички техничар вработен во кабинетот копирал и прибирал информации од компјутерскиот систем.

Обвинителството тврди дека прво имале проблеми во предистрагата, бидејќи кабинетот не им ги  доставувал снимките од безбедносните камери, а потоа тие биле преземни од МВР.

Обвинителството информираше дека речиси два месеца чека одговор од МВР за вештачења на одземените компјутери, мобилни телефони и дигитални уреди.

Министерството за внатрешни работи, пак, одговори дека сè уште се вршат вештачења, а се извршени и службени разговори со вработени во кабинетот.

Според сознанија на Телма, службеникот за кого се води постапката е отстранет од работното место додека трае истрагата.

 

Слични новости