Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Брисел ќе учествува на Самит за проширувањето на Европската Унија во организација на телевизијата Еуроњуз, кој е замислен како собир на кој високи претставници на ЕУ и на земјите кандидати за членство ќе разговараат за иднината на европската интеграција.
Станува збор за прв настан од ваков тип на кој креаторите на политики, експертите и лидерите во телевизиски пренос во живо ќе дебатираат за клучниот избор на Европа: Дали Унијата ќе се прошири и ќе се развива или ќе ризикува стагнација?
Војната на границите на ЕУ и растечките демократски аспирации во нејзиното соседство го направија проширувањето повеќе од политика: сега тоа е стратешки императив, се наведува во најавата за настанот.
Се очекува Самитот да испита дали хоризонтот на проширување до 2030 година за земјите кандидати за членство од Западниот Балкан и од Источното партнерство е веродостоен или симболичен, како и што би значела подлабоката интеграција за демократијата, економијата и стратешката автономија на Европа.
На Самитот е најавено и учество на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на претседателите на Молдавија, Србија и Украина, Маја Санду, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, на премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ, на еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и на претседатeлот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, Дејвид Мекалистер.
Слични новости
Најмалку 23 мртви во пожар во ноќен клуб во Гоа
Најмалку 23 лица, меѓу кои и неколку странски туристи, загинаа во пожар во популарниот ноќен клуб Арпори во индиската држава Гоа
Зеленски задоволен од разговорот со Виткоф
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека имал долг и „содржаен“ телефонски разговор со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, како и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер
Роднините на загинатите во „Пулс“: Дали судницата е за рецитирање или за вистината?
Родителите и блиските на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека„Пулс“ денеска повторно излегоа на протестен марш во Кочани


