Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Брисел ќе учествува на Самит за проширувањето на Европската Унија во организација на телевизијата Еуроњуз, кој е замислен како собир на кој високи претставници на ЕУ и на земјите кандидати за членство ќе разговараат за иднината на европската интеграција.
Станува збор за прв настан од ваков тип на кој креаторите на политики, експертите и лидерите во телевизиски пренос во живо ќе дебатираат за клучниот избор на Европа: Дали Унијата ќе се прошири и ќе се развива или ќе ризикува стагнација?
Војната на границите на ЕУ и растечките демократски аспирации во нејзиното соседство го направија проширувањето повеќе од политика: сега тоа е стратешки императив, се наведува во најавата за настанот.
Се очекува Самитот да испита дали хоризонтот на проширување до 2030 година за земјите кандидати за членство од Западниот Балкан и од Источното партнерство е веродостоен или симболичен, како и што би значела подлабоката интеграција за демократијата, економијата и стратешката автономија на Европа.
На Самитот е најавено и учество на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на претседателите на Молдавија, Србија и Украина, Маја Санду, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, на премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ, на еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и на претседатeлот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, Дејвид Мекалистер.
Слични новости
Катица Јанева условно пуштена од „Идризово“
Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева доби условен отпуст и на почетокот на неделата го напушти затворот „Идризово“, иако нејзината затворска казна формално трае до 2027 година.
Трамп го праќа Виткоф во Берлин на средба со Зеленски и европските лидери
„Волстрит џурнал“ објави дека на средбата ќе учествуваат британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Дескоска нагласува дека станува прва потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Северна Македонија, но и воопшто од земја која не е членка на Европската унија


