Почина Шкотската модна дизајнерка и музичарка Пам Хог, позната по својот панк-рок стил и екстравагантните облеки што ги обожаваат познатите личности, објави нејзиното семејство на социјалните мрежи.
„Со длабоко жалење објавуваме дека нашата сакана Памела почина“, објави семејството заедно со фотографија од дизајнерката во еден од нејзините препознатливи бело-златни комплети, со платинеста коса и нејзиниот препознатлив црвен кармин.
„Креативниот дух и работата на Памела допреа толку многу луѓе, а таа остава зад себе прекрасно наследство кое ќе продолжи да инспирира, да нè радува и да нè охрабрува да живееме надвор од конвенциите“, се додава во соопштението.
Голем број познати личности ѝ оддадоа почит на Пам Хог на социјалните мрежи, вклучувајќи ги актерките Роуз Мекгован и Патриша Аркет, кои ја нарекоа „меѓуѕвезден дијамант“, и рок-групата Blondie.
Без да ја открие причината за нејзината смрт, нејзиното семејство им се заблагодари на персоналот во нејзиниот дом за стари лица во источен Лондон, каде што беше опкружена со „драги пријатели и семејство“ во текот на нејзините последни денови.
Семејството, исто така, не ја објави нејзината возраст, за која дизајнерката отсекогаш остануваше енигматична, а која The Guardian ја проценува на 66 години.
Родена во Пејсли, шкотски град познат по својата текстилна традиција, Пам Хог студирала на Уметничкото училиште во Глазгов, а потоа на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон. Таа ја претстави својата прва колекција наречена „Psychodelic Jungle“, во 1981 година.
Често споредувана со Вивиен Вествуд поради нејзината панк-рок естетика, таа беше икона на Неделата на модата во Лондон со нејзиниот футуристички изглед, смели фризури и ексцентрични облеки, облекувајќи ѕвезди како Ријана, Бијонсе, Кејт Мос и Лејди Гага.
Едно од препознатливите парчиња на оваа дизајнерка, која комбинираше иронија, феминизам и контракултура во своите ревии, беше тесниот комбинезон, како оној што го носеше Кајли Миног во музичкото видео „2 Hearts“ (2007), во црна верзија со нитни.
Пам Хог, страсна музичарка, свиреше во бројни бендови, вклучувајќи ги Rubbish, кои беа предгрупа на The Pogues кон крајот на 1970-те, The Garden of Eden и Doll, кои ја придружуваа и настапуваа со Деби Хари, главниот вокал на бендот Blondie, во 1990-те.
Слични новости
Откриена галаксија слична на Млечниот пат стара 12 милијарди години
Индиските астрономи открија масивна галаксија слична на Млечниот пат која е стара околу 12 милијарди години, пренесе Би Би Си. Таа е голема колку една третина од млечниот пат и содржи околу 10 милијарди ѕвезди
Скарлет Јохансон во завршни преговори за да игра во новиот Бетмен
По четири години кога за последен пат играше во филм со стрип јунаците на Марвел Скарлет Јохансон е на чекор да се врати во Готам. Како што известуваат холивудските медиуми, таа е во завршни преговори за да игра во Бетмен 2, секвелот на хитот на Мат Ривс од 2021
Лондонската божикна елка која традиционално ја поклонува Норвешка, вечерва ќе биде осветлена на Трафалгар
Елката симболизира пријателство меѓу Лондон и Осло во церемонија која потсетува на историјата на сојузништво меѓу двете земји. Овогодишната елка наречена „Вечниот Осло“ е висока околу 20 метри и е стара 60 години.


