Коосновачот на легендарниот бенд Beach Boys, Брајан Вилсон, автор на рок антологиските песни како што се „Good Vibrations“ и „God Only Knows“, почина на 82-годишна возраст.

„Со голема тага објавуваме дека почина нашиот сакан татко, Брајан Вилсон. Без зборови сме. Ве молиме почитувајте ја нашата приватност во ова тешко време за нашето семејство. Знаеме дека ја споделуваме нашата тага со светот“, се вели во краткото соопштение на семејството.

Во соопштението не се открива причината за смртта. Вилсон страдал од деменција и не можел да се грижи за себеси откако неговата сопруга, Мелинда Вилсон, почина на почетокот на 2024 година, што довело до негово чување под старателство.

Често опишуван како гениј на својата генерација, басистот, пејачот, продуцентот и текстописецот ги предводеше Beach Boys до слава со култните хитови како што се „Surfin’ USA“, „Good Vibrations“, „I Get Around“ и „Kokomo“.

Роден на 20 јуни 1942 година, во Калифорнија, Брајан Вилсон пронашол засолниште и радост во музиката. Околу оргулите „Hammond“ во неговата дневна соба, ги подучувал своите браќа на џез и госпел хармонии. Во 1961 година, во Хоторн, предградие на Лос Анџелес, формирал бенд со своите двајца браќа Денис и Карл, братучедот Мајк Лав и соседот Ал Џардин.

Вилсон и неговите Beach Boys го популаризирале сурф рокот во раните 1960-ти, карактеризиран со електрична гитара без премногу дисторзија, ритмички бас и хорски вокали.

Групата објави низа хитови кои ги слават основните елементи на културата на младите во Калифорнија – сурфање, автомобили и романтика. Песните како „Little Deuce Coupe“, „Surfin’ U.S.A.“, „California Girls“, „Fun, Fun, Fun“ и „Help Me, Rhonda“ се веднаш препознатливи и изразено танцувачки.

До крајот на 1962 година, секој американски тинејџер ги познавал Beach Boys поради песната „Surfin’ USA“.

И потоа, во 1966 година, турнеите станаа мачење за интровертниот Вилсон, и отприлика во тоа време го доживеа својот прв ментален слом. Сè уште главен столб на Beach Boys, тој се повлече во студиото за да работи, обично без своите колеги од бендот, на „Pet Sounds“, симфониска рефлексија за губењето на невиноста.

Животот на Вилсон беше полн со лоши вибрации: насилен татко, изобилство од дроги, серија ментални сломови, долги периоди на осаменост и депресија и гласови во главата кои му кажуваа дека не е доволно добар.

„Имав многу, многу тежок, проколнат живот“, изјави Вилсон за The Washington Post во 2007 година.

Имаше одвај 25 години, а неговата кариера беше практично завршена.

Иако „Pet Sounds“ вклучуваше хитови како „Wouldn’t It Be Nice“, „Sloop John B“ и „God Only Knows“, албумот не доживеа веднаш комерцијален успех во Соединетите држави. Во рамките на бендот имаше отпор кон албумот, особено од пејачот Лав, кој сакаше да се држи до проверен и вистински звук што ќе донесе пари.

Пресвртничката нумера „Good Vibrations“ беше снимена за време на овие сесии, иако не се најде на албумот.

„Pet Sounds“, објавен во 1966 година, подоцна ќе биде препознаен како „магнум опус“ на Вилсон. Пол Меккартни рече дека албумот влијаел врз „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“ на The Beatles. „Ничие музичко образование не е комплетно сè додека не ја чуе ‘Pet Sounds’“, изјави своевремено Меккартни.

Објавена како сингл истата година, „Good Vibrations“ доби слични признанија. Откако ја слушна песната, која ќе стане најголемиот хит на Beach Boys, Арт Гарфанкел го повикал својот музички партнер Пол Сајмон и му рекол: „Мислам дека штотуку го слушнав најголемиот, најкреативниот албум на сите времиња“.

Бендот тогаш продал 100 милиони плочи.

Употребата на ЛСД, кокаин и алкохол од страна на Вилсон станала неодржлива, а му било дијагностицирано шизоафективно нарушување со аудитивни халуцинации. „Мојата креативност се зголеми, но дрогата ми го поремети мозокот“, рече во една пригода зборувајќи за тој период.

Неговата тогашна сопруга го ангажирала психотерапевтот Јуџин Ленди. Со него минал 14 месеци, користејќи необични методи како што е ветување чизбургер ако напише песна, пред да биде отпуштен.

Ленди беше повторно ангажиран во 1983 година, на крајот преземајќи контрола врз сите аспекти од животот на музичарот, вклучително и продуцирање и ко-пишување на неговата музика кога се врати со соло албум во 1988 година.

Враќањето на Вилсон во музиката беше спорадично. Тој изгледаше кревок и несигурен, и ниту едно од неговите последователни дела не му донесе ни приближно признание што претходно го постигна.

И потоа, во 2002 година, се случи чудо: повторно оженет и татко на пет посвоени деца (вкупно седум), „Моцарт на поп-музиката“ се врати. Прво на концерт со бендот, а потоа на албумот „Smile“, кој оттогаш стана мит за неговата повторно откриена младост.

Beach Boys сè уште имаат многу обожаватели низ целиот свет. Просечно 12 милиони луѓе ги слушаат секој месец на Spotify, според стриминг платформата.

Вилсон настапи во живо последен пат во 2022 година.

Двете ќерки на Брајан Вилсон, Карни и Венди, беа дел од познатата поп-група од 90-тите, Wilson Phillips. Заедно со сестрите Вилсон, во бендот беше и Чина Филипс, ќерка на Џон и Мишел Филипс од друга легендарна група од 1960-те, The Mamas & The Papas.

 

globe

Слични новости

Актерот Гери Олдман, фудбалерот Дејвид Бекам и музичарот Роџер Далтри ја добија титулата „сер“.

Актерот Гери Олдман, фудбалерот Дејвид Бекам и музичарот Роџер Далтри ја добија титулата „сер“.

По повод роденденто на британскиот крал Чарлс денеска им беше доделена почесната титула „сер“ на Оскаровецот Гери Олдман, фронтменот на групата „Ху“ Роцер Далтри и на поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Англија Девид Бекам.

На Бокс Офисот викендов се очекува да доминира „Како да го тренирате вашиот змеј“

На Бокс Офисот викендов се очекува да доминира „Како да го тренирате вашиот змеј“

Семејниот филм се очекува да доминира на Бокс Офисот од 13-15 јуни со проекција на заработка од 75 милиони долари во премиерниот викенд, но стручњаците најавуваат дека заработката на филмот само во САД би можела да биде и поголема.