Минималната синдикална кошничка повторно порасна. Во февруари, за основните трошоци на едно четиричлено семејство биле потребни 67382 денари, речиси илјада повеќе од јануари. Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, растот за само еден месец изнесува 969 денари.
Ако семејството живее под кирија во стан од 60 квадрати, месечните минимални трошоци се искачуваат на 82.757 денари. Првиот човек на ССМ Слободан Трендафилов вели дека поскапувањата се многу поголеми од најавеното усогласување на платите.
Според синдикалните пресметки, најголем дел од ударот доаѓа од храната и пијалаците, за кои во февруари биле потребни 25.156 денари, односно речиси илјада денари повеќе од претходниот месец.
Вкупната кошничка во однос на лани во февруари е повисока за 3.609 денари, а во споредба со 2022 година, за повеќе од 30 илјади денари. Токму храната и пијалаците се категоријата во која и Државниот завод за статистика измери поскапување од 5,2 проценти на годишно ниво.
Поради ова, Трендафилов повторно ја повика власта да изгласа 600 евра минималец и по 100 евра плус за останатите плати. Опозицискиот СДСМ поднесе речиси идентичен закон во Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека очекува инфлацијата во наредните месеци да се движи под три проценти и дека трендот е сличен како во повеќето земји од регионот.
Слични новости
Протест на ССМ за зголемување на минималната плата на 600 евра
Сојузот на синдикатите на Македонија денеска во Скопје ќе одржи работнички протест со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.
Макпетрол: Намалувањето на цената од страна на ОКТА не е доволно
Од нафтената компанија „Макпетрол“ сметаат дека намалувањето на цените од 2,5 денари (со ДДВ) за литар на нафтените деривати од страна на ОКТА не е доволно и не го решава проблемот кој го налага моменталната ситуација.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека протестот на ССМ го координира опозициската СДСМ
Од СДСМ и ССМ веќе не се ни кријат за соработката која ја имаат со една единствена цел, а таае да ѝ наштетат на владата – порече Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.


