Поранешниот фудбалски репрезентативец на Белгија, Раџа Наинголан е уапсен во понеделникот како дел од истрагата за шверц на кокаин преку пристаништето Антверпен, соопшти бриселското јавно обвинителство.
Во понеделникот наутро, полицијата спроведе околу триесет претреси во и во околината Антверпен, како и во Брисел и на периферијата на главниот град. Уапсени се неколку осомничени, меѓу кои и еден по име „Р.Н.“, се вели во соопштението за медиумите.
Кога го контактирала агенцијата AFP, портпаролот на јавното обвинителство потврдил дека осомничениот е 36-годишниот Раџа Наинголан, фудбалер кој минатата седмица повторно ја активираше својата играчка кариера.
Истрагата, предводена од истражен судија од Брисел, „се однесува на наводниот увоз на кокаин од Јужна Америка во Европа преку пристаништето Антверпен и негова прераспределба во Белгија“, се наведува во соопштението за печатот.
Бројот на уапсените осомничени не е наведен. Обвинителството вети дека ќе даде подетално соопштение „по завршување на распитот на осомничените“.
Наинголан, роден во Антверпен, е поранешен белгиски репрезентативец, кој забележа 30 настапи за „црвените ѓаволи“ и постигна шест гола. Поголемиот дел од својата фудбалска кариера го помина играјќи за италијански клубови, вклучувајќи ги Рома и Интер.
Од минатото лето, откако помина една сезона во индонезиската професионална лига, Наинголан е надвор од терените, но минатата недела потпиша петмесечен договор со белгискиот второлигаш Локерен и во првиот настап, на мечот одигран пред три дена, погоди против Лирс за конечните 1:1.
По враќањето од Италија во Белгија во Ројал Антверпен во летото 2021 година, ексцентричниот играч од средниот ред со бројни тетоважи се раздели со клубот од Антверпен на почетокот на 2023 година поради лошо однесување. Тој беше суспендиран неколку месеци претходно, откако беше фатен како пуши електронска цигара на клупата за резервни играчи, објавија белгиските медиуми.
Слични новости
Далас тешко настрада во првиот меч по трејдот на Дончиќ, голем пресврт на Бостон
Далас Маверикс, ден откако објавија дека го размениле Лука Дончиќ за Ентони Дејвис, претрпеа тежок пораз на гостински терен од првиот тим во лигата Кливленд Кавалирс
Серија А: Рома и Интер во 93. минута до бод против Наполи и Милан
Наполи, лидерот во италијанската Серија А, водеше со 1:0 до 93. минута на „Олимпико“ против Рома, но последниот неделен меч од 23. коло заврши без победник
Премиер лига: Арсенал го победи Манчестер Сити со 5:1
Во дерби натпреварот од 24. коло на англиската Премиер лига, фудбалерите на Арсенал на својот стадион „Емирати“ го совладаа Манчестер Сити со 5:1