На Волстрит берзанските индекси во понеделникот остро паднаа, продолжувајќи го негативниот тренд од минатата седмица, бидејќи инвеститорите се несигурни околу трговската политика на Вашингтон и стравуваат од рецесија.

Индексот Dow Jones падна за 2,08 отсто, на 41.911 поени, додека S&P 500 потона за 2,70 отсто, на 5.614 поени, а индексот Nasdaq падна за 4,0 отсто, на 17.468 поени.

Минатата седмица овие индекси остро паднаа поради несигурноста на инвеститорите за трговските политики на американскиот претседател Доналд Трамп, а негативната реакција на неговиот пресврт продолжи и во понеделникот. На прашањето на новинарите, Трамп во неделата одби да ја коментира негативната реакција на пазарот за неговото воведување и одложување на царините и дали оваа неизвесност ќе доведе до рецесија.

 

„Загриженоста расте, па инвеститорите се повлекуваат од пазарот, но макроекономските податоци сè уште не се премногу загрижувачки“, вели Том Хејнлин, стратег во компанијата „U.S. Bank Wealth Management“.

Но панел од економисти на Reuters предупредува на зголемените ризици од рецесија во САД, Канада и Мексико, со оглед на наметнувањето царини.

Како резултат на тоа, вчера индексот S&P 500 го забележа најголемиот дневен пад од средината на декември минатата година, а индексот Nasdaq од септември 2022 година. Во меѓувреме, Nasdaq индексот падна во територијата на корекција, повеќе од 10 отсто под рекордното ниво постигнато во средината на декември, додека S&P е 8,6 отсто оддалечен од своето рекордно ниво.

Вчера најмногу падна индексот на технолошкиот сектор S&P 500, во просек за 4,4 отсто, а меѓу најголемите губитници беше акцијата на „Tesla“, чија цена падна за повеќе од 15 отсто. Откако извршниот директор на „Tesla“, Илон Маск, му се приклучи на тимот на Трамп во средината на декември, цената на акцијата на „Tesla“ падна за повеќе од 50 отсто, бришејќи 800 милијарди долари од пазарната вредност на компанијата.

Покрај тоа што е потресен од неодамнешниот успех на кинеската стартап компанија „DeepSeek“ во областа на вештачката интелигенција, технолошкиот сектор е под притисок и поради зајакнувањето на јапонскиот јен во однос на доларот и растот на приносите на јапонските државни обврзници, бидејќи се очекува дополнително зголемување на каматните стапки во Јапонија. Затоа инвеститорите се повлекуваат од т.н поврзано тргување.

Имено, поврзаното тргување вклучува земање заеми во јени по пониски каматни стапки и инвестирање во други валути или средства со повисоки приноси. Аналитичарите велат дека падот на ваквото тргување е една од причините за падот на цените на акциите на американските технолошки гиганти.

„Ако сакате да знаете што се случува на американскиот пазар, престанете да гледате на тарифите и следете што се случува со приносите на јапонските државни обврзници. Поврзаното тргување се олеснува, а сите тие пари се вложени во акции на т.н. ‘Величествените седум’. Затоа падна технолошкиот сектор“, објаснува Томас Хејс, претседател на „Great Hill Capital“.

Поради сево ова, вчера VIX индексот на „стравот“ на Чикашката берза (Chicago Board Options Exchange) го достигна највисокото ниво од август минатата година, што покажува дека инвеститорите се повеќе ги штитат своите портфолија од евентуален натамошен пад на цените на акциите.

Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,92 отсто на 8.600 поени, додека франкфуртски DAX потона за 1,69 отсто на 22.620 поени, а париски CAC 40 за 0,90 отсто на 8.047 поени.

globe

Слични новости

Трамп ги удвои царините за канадските метали

Трамп ги удвои царините за канадските метали

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот ги удвои планираните тарифи за сите производи од челик и алуминиум што доаѓаат во САД од Канада на 50 отсто, како одговор на потегот на провинцијата Онтарио

Нафтата поскапе кон 70 долари

Нафтата поскапе кон 70 долари

Цените на нафтата се искачија во вторник на меѓународните пазари до 70 долари, бидејќи послабиот американски долар ја поддржа побарувачката, засенувајќи ги стравувањата дека бранот царини може да предизвика рецесија во САД