Убедливата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во вторникот ќе предизвика големите медиуми, особено оние кои се залагаат за објективни и традиционални вредности во новинарство да ги преиспитаат своите стратегии.
Уредничките колегиуми во големите американски медиуми во Вашингтон и Њујорк беа во шок од резултатите, иако сите анкети покажуваа дека е можна победа на Трамп. Но, убедливата победа на Трамп сосема ги затече главните уредници на традиционалните медиуми во Америка, а еден од нив рече „ Ние се прашуваме колку сме навистина релевантни“.
Рејтинзите на линеарните и кабелските телевизии што емитуваат вести имаат драматичен пад на гледаноста, според рејтинзите на Нилсен. За време на изборната ноќ, кога рејтинзите на инфромативните програми се највисоки, само 42,3 милиони луѓе во Америка ги гледаа информативните програми, за разлика од 57 милиони на изборите во 2020, со најниски рејтинзи во историјата. Најголем пад има Си Ен Ен, кој што во гледаност падна и под МСНБЦ, за прв пат откако каналот почна да емитува програма пред повеќе од 30 години.
Точно е дека традиционалните медиуми беа присутни со клипови на Тик-Ток или Икс, но влијанието на медиумите е сосема поинакво доколку некој изгледа клип од 20 секунди, од тоа, публиката континуирано да го гледа ТВ каналот.
Водителот на Фокс њуз Шон Ханити ноќта на изборите рече дека „традиционалните медиуми“ се мртви, кога стана јасно дека Трамп победува. „Падот на влијанието на традиционалните медиуми е евидентен со години. Ова е доказот“, изјави аналитичарот на Фокс Брит Хјум.
Според истражувањата, повеќе од 80 проценти од традиционалните медиуми ја поддржаа Камала Харис. А фактот дека Доналд Трамп убедливо победи и во електорските гласови и во вкупниот број гласови на изборите додека сосема ги игнорираше телевизиите Си Би ЕС њуз, Ен Би Си и Си Ен Ен, како и двата водечи весници Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост, треба да биде момент за преиспитување на релевантноста и влијанието на традиционалните медиуми.
Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.
Исто така многу е интересен феноменот дека најголемите инфлуенсери од типот на Тејлор Свифт, Бијонсе, Леброн Џејмс и дузина холивудски ѕвезди немаа никакво влијание.
Нејасно е како ќе се постават и како ќе се однесуваат американските традиционални медиуми по изборот на Трамп со резултати кои сведочат за нивниот драматичен пад во влијанието.
Додека Трамп беше на власт 2016-2020, телевизиските рејтинзи и продажбата на весниците се зголеми, затоа што луѓето сакаа да гледаат и слушаат за скандалите што ги правеше Трамп, а и се создаде амбиент на спротивставување на тоа владеење. Но, работите секако не се исти по осум години.
Драматичниот пад на гледаноста, релевантноста и влијанието на традиционалните медиуми во Америка дури и во време на кампања со неизвесни избори, па дури и за време на изборната ноќ кога сите чекаат и сакаат да видат резултати се светска парадигма, која се разбира нема секаде да се преслика, но трендовите се јасни.
Слични новости
Ќе има ли Македонија опозиција ?
Внатрепартиските избори во СДСМ во јуни нема да поместат ништо. Агонијата на партијата која потона, ќе си продолжи по инерција. Единствен противник кој во моментов го има ВМРО-ДПМНЕ е самото ВМРО-ДПМНЕ, а бришаниот простор што го има пред себе, може само самата да си го загрози.
Во дипломатијата нема индивидуална вокација
Во политиката, особено надворешната и дипломатијата, нема индивидуална вокација и волунтаризам. Лексиката е одраз на концепт, политика и стратегија
Избори, анкети и ПР стратегии
Резултатот од првиот круг на претседателските избори ќе биде многу важен. Освен бројките, важна е и психологијата, затоа што голем дел од неопределените се приклонуваат кон миризбата на победата, и тоа партиите го знаат