Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделата изјави дека „ниту може да ги потврди, ниту да ги негира“ извештаите за разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, објави руската новинска агенција ТАСС.
Трамп претходно тврдеше дека телефонски разговарал со Путин за ставање крај на војната во Украина, објави во саботата доцна ноќта електронското издание на весникот The New York Post, што би претставувало прв потврден директен разговор меѓу Путин и американски претседател од почетокот на 2022 година.
Трамп, кој вети дека ќе стави крај на војната во Украина но сè уште јавно не кажа како ќе го стори тоа, минатата седмица рече дека војната е крвопролевање и дека неговиот тим имал „некои многу добри разговори“.

Во интервјуто дадено во претседателскиот авион „Air Force One“ во петокот, Трамп за The New York Post вели дека е „подобро да не кажува“, кога го прашале колку пати тој и Путин разговарале.
„Тој (Путин) сака да ги види луѓето да престанат да умираат“, вели Трамп во интервјуто.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделата изјави за руската новинска агенција ТАСС дека „се појавуваат многу различни комуникации“.
„Оваа комуникација се одвива преку различни канали. Можеби јас лично нешто не знам. Така што, во овој случај не можам ниту да потврдам ниту да демантирам“, вели Песков на прашањето на ТАСС директно да го коментира извештајот на американскиот весник.
Путин последен пат разговараше со поранешниот американски претседател Џо Бајден во февруари 2022 година, непосредно пред Путин да нареди распоредување на илјадници војници во Украина. Двајцата челници тогаш разговараа околу еден час, соопшти Кремљ.
Новинарот на The Washington Post, Боб Вудворд во својата книга „Војна“ од 2024 година тврди без наведување докази дека Трамп разговарал директно со Путин седум пати откако ја напуштил Белата куќа во 2021 година.
Запрашан дали тоа е вистина во интервју за деловната новинска агенција Bloomberg News минатата година, Трамп рече: „Ако сум, тоа е паметна работа“. Кремљ, пак, го негираше тврдењето на Вудворд.
Трамп за The New York Post вели дека „секогаш имал добри односи со Путин“ и дека има конкретен план за ставање крај на војната. Сепак, тој не открива повеќе детали.
„Се надевам дека ќе биде брзо. Луѓето умираат секој ден. Оваа војна во Украина е толку лоша. Сакам да ја прекинам проклетата работа“, вели Трамп.
Слични новости
Пакистанските сепаратисти земаа 182 заложници
Безбедносните сили соопштија дека се слушнала експлозија во близина на тунелот и дека имало размена на оган со милитантите во планинската област
ЕУФОР: Распоредуваме воено засилување во БиХ
Военото засилување на ЕУФОР во Босна и Херцеговина почна да пристигнува, потврди во вторникот командата на силите на Европската унија во Сараево
Фон дер Лајен: Урнати се илузиите за европската безбедност
Илузиите за безбедноста на Европа се урнати и Европската унија мора веднаш да почне да инвестира значително повеќе во својата одбрана, изјави во вторникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето пред Европскиот парламент