Во Тетово денеска се одржува панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“, со фокус на тоа како се менувало значењето на оценувањето низ генерации, што денес значи вистински успех и како наставниците го препознаваат трудот и напредокот на учениците во современиот контекст.
Ова е трета дискусија во државата која Министерството за образование и наука ја одржува во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ чија цел е да ја истакне суштинската улога на наставниците и значењето на нивната професија во општеството.
Министерката Весна Јаневска во изјава за медиумите пред дискусијата рече дека кампањата на МОН продолжува со цел да бидат слушнати мислењата на наставниците.
„Да продискутираме со нив, да ни посочат што сметаат дека е добро или не е добро за да можеме да градиме подобри образовни политики. Денес на панел-дискусијата домаќин е Општина Тетово на тема за промените во поучувањето и оценувањето во минатото и денес. Промените се значајни, има промени во методологијата, во областите, во технологијата. Но константата е наставникот – клучната алка во образовниот систем, без кој не може да се очекува подобрување на квалитетот на образованието во нашата земја“, изјави Јаневска.
Рече дека во минатото професијата наставник е девалвирана „не само од владата, туку и од бројни притисоци кои наставниците ги трпат од родителите, од разни моќници и од други елементи во општеството“.
„Тоа мора да се промени, а ќе го промениме со тоа што ќе ги ослободиме наставниците од притисоците. Тоа е одговорност на родителите и на другите чинители, а државата е неопходно да преземе други мерки со коишто ќе ги мотивира и ќе ги ослободи, ќе им дозволи да работат така како што тие мислат дека е најдобро и за што се остручени, ќе менуваат дел од методологијата по свое сопствено видување за поучување на децата, дури ќе вметнат и индивидуално образование за одредени групи на деца“, посочи Јаневска.
Министерката оцени дека државата е должна да го направи тоа и затоа, рече, има преземено сет мерки за подобрување на стандардот на наставниците, покачувајќи ја нивната плата, вложувајќи 67.000.000 евра во инфраструктурата и со растоварување на наставниците од административните обврски.
„Она што е многу важно што го направивме е што продолживме со обуките на наставниците и откога јас сум министер вложивме околу 700.000 во нивните обуки и дополнителни други активности. Продолжуваме како и досега да работиме на подобрување на значењето на наставникот, но и знаењето во иднина за да го постигнеме она што е наша цел – подобар квалитет во образованието“, посочи Јаневска.
Домаќин на денешната панел-дискусија е средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Градоначалникот Билал Касами во изјава за медиумите истакна дека инвестициите во образованието се влог во иднината.
„Ова е важна порака за сите, учители, наставници, сите деца, ученици, дека за нас е многу важно да имаат најдобри услови за учење и тоа не само во изградба на нови училишта, нови објекти, туку и во инвестиција во нашите наставници, и со тоа и во нашите деца. Инвестирајќи во образовниот процес, ние инвестираме во иднината. Затоа ние и преку вакви активности, вакви панел-дискусии, се обидуваме да ги мотивираме учениците во училиште и наставниците дека секој ученик е важен“, рече градоначалникот на Тетово.
Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, на панел-дискусијата посочи дека магијата зад успехот на учениците секогаш започнува со наставникот, а Бирото, рече, е „тука да ја поддржи таа магија преку континуиран професионален развој и менторска поддршка на наставниците“.
На панелот своите искуства и размислувања ги споделија и Даниела Апостоловска, одделенски наставник и помошник директор во ООУ „Братство – Миѓени“ од Тетово, Сихана Каба Касами, одделенски наставник и директор во тетовското ООУ „Кирил и Методиј“ и Салих Мислими, доктор по општа медицина и професор по стручни предмети во ОСМУ „Никола Штејн” – Тетово.
Како што информираше МОН, тие преку лични примери направија паралела помеѓу времето кога учениците учеле од книги и денешното време, кога во одредени ситуации се предава и учи преку дигитални уреди.
„Се согласија дека технологијата е помошник, но не и замена за наставникот. Порачаа дека зад секоја „петка“ стои приказна за труд, охрабрување и доверба, дека вистинскиот успех е кога ученикот сака да учи, а наставникот е оној што ја разгорува љубопитноста. Едногласни беа дека технологијата може да помогне, но само човекот може да инспирира. Денешната панел-дискусија потсети дека вистинската магија на образованието не е во брзината на пристап до информација, туку во способноста да се разбере, почувствува и примени знаењето. Иако времињата се менуваат, наставниците и понатаму остануваат оние што ја претвораат љубопитноста во мудрост, а „петката“ во нешто многу повеќе од бројка“, соопшти МОН.
Националната кампања „Магијата е во знаењето“, која Министерството за образование и наука ја промовираше на Светскиот ден на наставникот – 5 Октомври, е посветена на поддршка на наставничката професија и препознавање на нејзиното значење во општеството.
– Низ низа настани и активности, кампањата ги афирмира наставниците како вистински креатори на промените, на оние што ја пренесуваат љубопитноста во знаење и знаењето како темел за посветла иднина на општеството – посочува МОН.
Слични новости
Сообраќајот на граничниот премин Богородица конечно нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин Богородица ( Евзони ) е целосно нормализиран од 21 часот, информираат од Автомото сојузот на Македонија. Претходно, овој премин беше во целосна блокада, и за влез и за излез од земјава, поради штрајк на земјоделците во Грција.
АХВ до крајот на декември ќе ја спроведе кампањата за вакцинација на лисиците и дивите карнивози против беснило
Агенцијата за храна и ветеринарство од 6 декември почна со втората годинешна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста беснило
До 40 минути се чека на Табановце и на Дојран
. На „Дојран“ времето на чекање изнесува околу 30 минути, додека на излез од државата на „Табановце“ возачите чекаат до 40 минути


