Европските берзи паднаа во претпладневното тргување во втопрникот, бидејќи инвеститорите не беа сигурни дали САД и Кина наскоро ќе постигнат трговски договор, а не беа охрабрени од вчерашниот силен скок на берзанските индекси на Волстрит.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции падна за 0,6 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, по вчерашниот раст. Претпладнево лондонскиот индекс FTSE падна за 0,20 отсто на 9.425 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,85 отсто на 24.180 поени, а парискиот CAC 40 падна за 0,81 отсто на 7.870 поени.
Цените на акциите, исто така, паднаа на азиските берзи. Индексот MSCI на акциите во Азиско-пацифичкиот регион, без јапонските, падна за 0,5 отсто во истиот термински пресек како и во Европа. Цените на акциите во Индија, Шангај, Хонгконг, Јужна Кореја и Јапонија паднаа за меѓу 0,1 и 2,7 отсто, додека малку се зголемија во Австралија.
Берзите се во лошо расположение, иако американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги смири инвеститорите откако во петокот објави дека ќе воведе дополнителни 100 отсто царини за кинескиот увоз од 1 ноември. Кина ги обвини САД за двојни стандарди во неделата и се закани со противмерки доколку Вашингтон воведе дополнителни царини.
Последните денови Трамп велеше дека сè ќе биде во ред, дека високо го цени претседателот Кси и дека САД не сакаат да ѝ наштетат на Кина. Министерот за финансии Скот Бесент изјави, пак, дека Трамп сè уште може да се сретне со кинескиот претседател Кси Џинпинг во Јужна Кореја на крајот од октомври, иако Трамп во петокот изјави дека нема причина за таков состанок.
Кинеското Министерство за трговија утрово соопшти дека САД не можат да бараат разговори, а во исто време да упатуваат закани.
Почнувајќи од денеска, и Кина и САД ќе наплаќаат пристанишни такси на превозниците кои транспортираат сè, од празнични играчки до сурова нафта, со што отвореното море станува ново бојно поле во трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.
Сево ова, велат аналитичарите, ги намалува шансите за постигнување сеопфатен трговски договор. Аналитичарите на банката „Citi“, пак, велат дека не очекуваат ескалација на трговските тензии меѓу Пекинг и Вашингтон.
„Причината за ова не се толку смирувачките твитови на претседателот Трамп за време на викендот, туку фактот дека Кина можеби е единствената земја со преговарачка моќ, поради што Вашингтон можеби ќе мора да биде пофлексибилен во својот преговарачки став“, пишуваат аналитичарите на „Сiti“ во својот преглед на ситуацијата.
Инвеститорите не беа охрабрени ниту од вчерашниот силен раст на берзанските индекси на Волстрит, бидејќи американските термински индекси од утрово се во „црвено“. Фјучерсите на S&P 500 моментално се во пад од 0,6 отсто.
Слични новости
Швајцарските компании ги неутрализираат американските царини со селење на производството
Швајцарските компании планираат да преместат дел од своите операции и производство во странство за да го ублажат влијанието на американските царини, според анкета на деловната асоцијација economysuisse
Производството на чај во Индија опадна во октомври
Производството на чај во Индија опадна во октомври поради неповолните временски услови во државата Асам
Цените на нафтата на 64 долари
Цените на нафтата се искачија на 64 долари во петокот на меѓународните пазари, а инвеститорите шпекулираат дека намалената понуда од Венецуела во случај на воена интервенција на САД ќе ги принуди кинеските и американските рафинерии да бараат замена


