Европските берзи паднаа во четвртокот во претпладневното тргување бидејќи инвеститорите стравуваат од трговска војна откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Европската унија со царини за сите увозни производи.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек од тргувањето беше во минус за 0,6 отсто, губејќи дел од вчерашните добивки. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,26 отсто, на 8.708 поени, додека франкфуртски DAX за 1,01 отсто, на 22.565 поени, а париски CAC за 0,60 отсто, на 8.095 поени.
Во исто време, цените на акциите паднаа во сите сектори. Тоа е последица на вчерашната порака на Трамп дека многу брзо може да воведе царини од 25 отсто за увоз на автомобили и сите други производи од Европската унија. Европската комисија, пак, најави брза реакција, а на повидок е трговска војна, која може негативно да се одрази на растот на овие земји, но и на целата глобална економија.

И на азиските берзи се тргува претпазливо. Азискиот берзански индекс MSCI беше речиси непроменет од вчера. Јапонскиот индекс Nikkei порасна за 0,3 отсто, а за исто толку пораснаа и цените на акциите во Австралија и Шангај. Во Хонгконг и Јужна Кореја, пак, тие паднаа меѓу 0,3 и 0,7 отсто.
Азиските берзи се претпазливи, како што беше случајот вчера на Волстрит, кога индексот Dow Jones падна за 0,43 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,01 отсто, а индексот Nasdaq за 0,26 отсто.
Од утрово порастот на технолошкиот сектор заглави на азиските берзи бидејќи инвеститорите не беа импресионирани од кварталните деловни резултати на „Nvidia“, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција.
Приходите и заработката на технолошкиот гигант се во согласност со очекувањата, додека деловните проценки за првиот квартал од оваа година се малку над очекувањата. И покрај ова, цената на акцијата на „Nvidia“ утрово благо падна, откако вчера порасна за повеќе од 3,5 отсто.
Инвеститорите се исто така претпазливи бидејќи серија неодамнешни макроекономски податоци укажуваат на слабеење на американската економија, а бидејќи инфлацијата е висока, американската централна банка не се очекува да продолжи со намалувањето на каматните стапки во скоро време.
Слични новости
BMW очекува царински трошоци од милијарда евра
Царинити ќе го чинат BMW милијарда евра оваа година, изјави во петокот извршниот директор на германскиот производител на луксузни автомобили Оливер Зипсе, наведувајќи ги трошоците за европските царини за електричните автомобили од кинеско производство и американските царини за увоз на челик и алуминиум
Златото над 3.000 долари
Цените на златото првпат надминаа 3.000 долари во петокот, како одраз на зголемената побарувачка на инвеститорите во услови на трговски тензии и намалување на каматните стапки
Внимателно тргување на берзите во Европа и Азија
На европските берзи во петокот претпладнето се тргува претпазливо, како и претходните денови, бидејќи инвеститорите се загрижени за царинската војна меѓу САД и Европската унија, додека индексите се на пат да остварат седмични загуби