Европските берзи остро паднаа во понеделникот наутро, бидејќи инвеститорите стравуваа од трговска војна, откако Вашингтон воведе царини на увозот од Канада, Мексико и Кина, а исто така и се закани на Европската унија.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 1,3 отсто претпладнето, лизгајќи се од рекордно високо ниво. Лондонски FTSE индекс се намали за 1,17 отсто, на 8.570 поени, додека франкфуртски DAX потона за 1,98 отсто, на 21.300 поени, а париски CAC 1,94 отсто, на 7.795 поени.

Најмногу претпладнево паднаа цените на акциите во автомобилскиот сектор, во просек за околу 4 отсто, додека технолошкиот, индустрискиот и рударскиот сектор паднаа за повеќе од 2 отсто.

Цените на акциите драстично паднаа и на азиските берзи. Јапонскиот индекс Nikkei во истиот момент од тргувањето како и во Европа беше намален за 2,7 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг, Австралија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 2,5 отсто.

Кинеските берзи сѐ уште се затворени поради прославата на Лунарната Нова Година.

Остриот пад на цените на акциите е последица на одлуката на американскиот претседател да воведе царини. По долгогодишните закани, Трамп во текот на викендот потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за увоз на стоки од Мексико и Канада и 10 отсто за кинески производи. Оваа одлука ќе се применува од вторник.

Сите три земји веднаш најавија контрамерки, поради што инвеститорите стравуваат од трговска војна. Трамп, исто така, рече дека наскоро планира да воведе царини за увозот од Европската унија.

Поради сево ова нагло паднаа и американските фјучерси индекси, па попладнево се очекува пад на цените на акциите на Волстрит. Во моментов, фјучерсите на индексот S&P 500 се намалени за 1,9 отсто, а Nasdaq за повеќе од 2 отсто.

„Потегот на Трамп е првиот удар во она што може да прерасне во катастрофална глобална трговска војна и да предизвика инфлацијата во САД да расте побрзо и повисоко отколку што првично проценувавме“, рече Пол Ешворт, аналитичар во „Capital Economics“.

Грег Дако, главен економист во EY, проценува дека воведувањето тарифи ќе резултира со намалување на економскиот раст на САД оваа година за 1,5 процентни поени и веројатно ќе доведе до стагфлација, истовремено туркајќи ги Канада и Мексико во рецесија.

Тоа секако ќе предизвика пад на приходите и заработката на компаниите, па може да се очекува многу нестабилно тргување на најголемите светски берзи во наредните денови, велат аналитичарите.

globe

Слични новости

Нафтата под 77 долари

Нафтата под 77 долари

Цените на нафтата се задржаа под 77 долари на меѓународните пазари во петокот, при што вниманието на инвеститорите беше фокусирано на Вашингтон и неговите најавени царини за Мексико и Канада

Од понеделник оперативни средствата од унгарскиот заем за компаниите

Од понеделник оперативни средствата од унгарскиот заем за компаниите

Владата ги усвои договорите, се чекаат уште последните мислења кои сметам дека заклучно со денеска ќе бидат завршени и веќе од понеделник Развојната банка со комерцијалните банки може да потпишува договори, а економските оператори како клиенти да ги користат, рече во петокот премиерот Христијан Мицкоски

Поскапува парното за 5,03 проценти

Поскапува парното за 5,03 проценти

Парното поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски