Европските берзи остро паднаа во вторникот во претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите стравуваа од трговска војна откако Вашингтон воведе царини за увоз од Канада и Мексико.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 1 отсто во претплдневниот пресек од тргувањето, лизгајќи се од рекордно високо ниво. Лондонски FTSE индекс се намали за 0,55 отсто, на 8.825 поени, додека франкфуртски DAX потона за 1,62 отсто, на 22.755 поени, а париски CAC за 1,14 отсто, на 8.106 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот на азиските акции MSCI беше намален за 0,3 отсто во истиот момент како и во Европа. Јапонскиот индекс Nikkei се лизна за 1,2 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонгконг и Австралија паднаа меѓу 0,1 и 0,6 отсто. Во Шангај, пак, тие благо се зголемија.

Вашингтон воведува царини, Канада и Кина реагираат
Инвеститорите се претпазливи бидејќи вчера американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто на увозот од Канада и Мексико.
Трамп имаше намера да ги воведе овие тарифи во средината на јануари, но ги одложи за еден месец за да им даде време на властите во соседните земји да преземат мерки за спречување на шверцот на дроги и илегалните имигранти.
Инвеститорите стравуваат од трговска војна бидејќи Канада веќе одговори. Премиерот Џастин Трудо изјави вчера дека царините од 25 отсто за увоз од САД во вредност од околу 20 милијарди долари ќе стапат на сила веднаш.
Ако Вашингтон ги задржи царините во следните 20 дена, вели Трудо, ќе стапат на сила царините од 25 отсто за увоз во вредност од над 80 милијарди долари.
Мексико, во меѓувреме, соопшти дека ќе ги објави своите контрамерки во вторник.
Од денеска треба да стапат во сила и дополнителни царини од 10 отсто за увоз на кинески производи во САД, вкупно 20 отсто, имајќи предвид дека Вашингтон веќе пред еден месец ги зголеми царините на 10 отсто.
Кина соопшти дека ќе возврати со зголемување на царините за 10 до 15 отсто на низа американски земјоделски и прехранбени производи. Покрај тоа, таа најави ограничување на извозот и инвестициите за 25 американски компании.
Сите овие царини негативно ќе влијаат на меѓународната трговија и на целокупната глобална економија.
Ова е причината зошто берзанските индекси вчера остро паднаа на Волстрит. Dow Jones се лизна за 1,5 отсто, додека S&P 500 потона за 1,8 отсто, а Nasdaq индексот 2,6 отсто.
Слични новости
Значително зголемен увозот на оружје во Европа
Податоците на SIPRI, исто така, укажуваат на континуирана доминација на САД на глобалниот пазар, бидејќи американските компании го зголемиле својот удел во извозот на оружје
Европските инвеститори претпазливи, индексите стагнираат
На европските берзи се тргува претпазливо во понеделник претпладнето, при што берзанските индекси стагнираат додека инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да го насочат пазарот
Доларот останува под притисок, цената на нафтата паѓа
На валутните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути падна на почетокот на седмицата, откако минатата потона за повеќе од 3 отсто