Македонската левица, или попрецизоно идеолошки формулирано, партиите од македонскиот лев центар предводени од СДСМ водат лоша и погрешна политика која со сигурност ќе ги доведе до тежок пораз на идните избори.
Последната анкета што ја објави ИПИС направена врз репрезентативен примерок во месец мај покажа дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од околу 20% од гласачите, додека СДСМ е под 13%. Може да се спорат методологиите во анкетите, нивната непрецизност затоа што се правени телефонски, и да се наоѓаат разни причини таквите анкети да се третираат како погрешни – но бегањето од реалноста не ги менува фактите.
Неколку анкети од разни истражувачки институти во континуитет покажуваат слични резултати. Македонската опозиција има константна предност од 7-8 % во испитувањата на јавното мнение. Конечно, СДСМ досега ги нападна сите анкети со вакви резултати како неточни, но не прикажа алтернативни анкети кои би покажале поинаков исход. Бездруго и тие прават анкети за своите потреби, а тоа што не се објавуваат во јавноста сугерира дека резултатите се лоши.
Она што е дополнително загрижувачки за нив е што разликата не се должи на раст на популарноста кај опозицијата. Од анкетите во кои и јас учествува во 2017-та кога СДСМ имаше предност од 5 проценти пред тогашните локални избори каде што односот на силите беше 25 % за СДСМ, а 20% за ВМРО-ДПМНЕ, процентот на анкетираните кои се изјаснуваат дека ќе гласаат за опозицијата е константен и се движи околу 20%. Големото заостанување кај СДСМ се должи на буквално преполовување на нивните поддржувачи од 25 отсто, на процент кој се движи од 11-13 проценти. Во апсолутни бројки станува збор за огромна загуба на гласачи, грубо пресметано-од 400.000 на 200.000.
Интересно е што е и покрај овие факти СДСМ не ја менува политиката и стратегијата. Веројатно за такво нешто немаат ни капацитет.
Централна поента во нивната ПР комуникација е дискредитација на политичкиот опонент и црна кампања. Таа може да биде ефектна во намалување на поддршката на ривалот, но ризикот од црните кампањи се дека се тие генерално обесхрабрувачки за излезноста на електоратот. Со други зборови, СДСМ со таа стратегија успева да ја задржи опозицијата на истите бројки на поддршка, а постојано губи од своето потенцијално гласачко тело.
А проблемот на СДСМ не е пораст на популарноста кај ВМРО-ДПМНЕ, туку обратно, пад на нивната доверба кај поддржувачите, што и за обични лаици е јасен сигнал дека кампањата во најдобар случај е без ефект, иако поблиску до вистината е дека е контрапродуктивна.
Ако се земе во предвид дека во Македонија се гласа според пропорционален модел и донтовата формула, овие бројки пресликани во пратенички мандати ги покажуваат вистинкате размери на потенцијалното изборно фијаско, а тоа е однос на пратеници 52-54 : 30 и тоа во подобар случај за СДСМ.
Од изборите во Грција може да се прават многу паралели, иако станува збор за сосема различни политички милјеа. Но, има и некои големи сличности. Алексис Ципрас дојде на власт во Грција во 2015-тата како последица на огромна разочараност и гнев кај Грците од арогантните политики на десницата кои ја банкротираа земјата. Тој не ги реализираше своите изборни ветувања. Во 2019-тата дожиева тесен пораз, за пред десетина дена на изборите неговата СИРИЗА да загуби со фантастични двојно помалку гласови од Нова демократија, што ги изненади дури и најголемите оптимисти кај грчката десница.
Истото се случи и во Македонија со предизборните ветувања кои се поклопуваа со барањата на граѓаните кои ги артикулираа преку Шарената револуција. Во Македонија разочараноста е уште поголема, отколку во Грција. Слоганот „Нема правда нема мир“, во актуелната состојба во општеството по се’ што се случуваше делува навредливо и повеќе од наивно. Постојаното попуштање пред барањата на соседите им ја прели чашата и на најтрпеливите. Политиките на субмисивност пред соседите и меѓународната заедница, за да се одржи преговарачкиот процес по секоја цена, одамна загубија смисла и поддршка кај граѓаните.
Обидот на Ципрас за политички кам-бек со преповторување на истите мантри, жестоките напади врз десницата и потенцирањето на идеолошките разлики го доведоа до исклучително тежок пораз. Засега СДСМ е во маѓепсан круг на преверглување на истите и истите мантри, кои видовме до што доведоа во Грција.
Веќе никој нити ги слуша, нити им верува, освен елементарната база на партиските војници кои верноста кон политиките ги засниваат главно на политички клиентелизам, а во помал процент и на тврдокорни идеолошки убедувања за кои има се помал простор во третата декада на 21-от век.
Колку се нападите пожестоки не само врз политичките ривали, туку и врз граѓаните и објективните новинари кои укажуваат на овие лоши политики, толку е ефектот полош за македонската левица. Веројатно, сево ова ќе го разберат вечерта кога ќе се отворат гласачките кутии.
Слични новости
Победникот добива се
Не дека силата не ги диктирала релациите во меѓународните односи од памтивек, но со создавањето на Обединетите Нации и разни други механизми на меѓународното право и политика, еден извесен период доминираше уверувањето дека меѓународните односи сепак ги диктира меѓународното право, а не голата сила.
Абре Македонче…
За времето на ерата на пропагандите Македонците ги тепаа своите деца за да плачат, зошто кога плачат забораваат дека се гладни и не бараат за јадење.
Либералната демократија се проголтува самата себе
Ако во еден момент престанат разликите меѓу политиките на САД, наспроти Кина или Русија, западните вредности, како демократијата, владеењето на правото, човековите права, слободата на говорот, ќе бидат крајно загрозени, или сосема ќе исчезнат.


