Норвешката фудбалска репрезентација стана 32-от учесник на Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада. Норвежаните ја победија Италија со 4:1 во последното коло од Групата И на „Сан Сиро“ во Милано, завршувајќи го натпреварувањето во групата со максимални 24 бода.

Во пресрет на последното коло, Норвешка имаше три бода повеќе од Италија и далеку подобра гол-разлика. На „Аѕурите“ им беше потребна победа од дури девет гола за да го преземат врвот на табелата. Селекторот на Италија, Џенаро Гатузо, знаеше дека тоа е невозможна мисија, но сакаше каква и да е победа за да влезе во историјата како прв италијански селектор кој постигнал шест победи во своите први шест натпревари на чело на репрезентацијата.

Сепак, Италија не само што не славеше, туку претрпе тежок пораз од 1:4. Домаќините поведоа во 11. минута со голот на Франческо Пио Еспозито. Антонио Нуса израмни во 63. минута, потоа Ерлинг Халанд постигна два гола за само две минути (78, 79), а Јорген Штранд Ларсен го комплетираше славењето на Норвешка во 93. минута.

Во другиот натпревар од оваа група, Израел ја победи Молдавија со идентичен резултат. Гостите беа со играч помалку уште во 18. минута откако Сергиу Перчиун направи пенал, заработувајќи црвен картон. Дор Тургеман беше сугурен од белата точка. Во 24. минута, Израел се приближи до постигнување на втор гол, но Ден Битон ја погоди пречката. Молдавија израмни во 37. минута со играч помалку, а голот го постигна Јон Николаеску. Во второто полувреме, Израелците постигнаа три гола, со Рој Ревиво (65, 88) и Елиел Перец (85).

Норвешка заврши прва во групата со 24 бода, Италија има 18, Израел 12, Естонија собра четири, а Молдавија има еден бод.

Норвежаните досега учествувале на Светското првенство трипати, последен пат во 1998 година во Франција.

globe

Слични новости

Харден десетти најдобар стрелец во НБА

Харден десетти најдобар стрелец во НБА

Џејмс Харден се проби меѓу десетте најдобри стрелци на сите времиња во НБА лигата, но неговите 34 поени не беа доволни синоќа да ги одведат неговите Лос Анџелес Клиперс до победа