Бијонсе, Кендрик Ламар и… Битлси? Величествената четворка се разијде пред повеќе од половина век и само двајца сѐ уште се живи, но тие се во конкуренција за Греми за најдобар албум на годината.
Ненадејната номинација фрла светлина врз дебатата во рамките на Академијата за дискографска уметност за употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во музичката индустрија.
Веста дека Битлси ќе издадат нова песна наречена „Now and Then” создадена со помош на вештачка интелигенција предизвика возбуда кај некои фанови, но и зачуденост меѓу другите, бидејќи некои заклучија дека се работи за „дипфејкови“.
Не е така
Песната „Now and Then” е создадена со помош на вештачка интелигенција, која се користела за „исчистување“ на дел од демо-снимката стара со децении, која имала премногу шум и бучава.
Користена е само за да се изолира вокалот на Џон Ленон од несаканите делови од снимката.
Авторите потоа додадале електрична и акустична гитара снимена во 1995 година од покојниот Џорџ Харисон, завршувајќи ја песната со тапаните на Ринго Стар и басот, пијаното и гитарата на Пол Маккартни, со дополнителни придружни вокали.
Американската академија за дискографска уметност и науки, која ќе ги додели наградите Греми во Лос Анџелес во недела, оцени дека песната е подобна да биде номинирана за наградите за албум на годината и за најдобра рок изведба.
Елементите на ВИ материјалот се погодни
Оваа институција со години се занимава со импликациите на вештачката интелигенција за музичката индустрија, бидејќи многу уметници изразуваат голема загриженост во однос на етичноста на музиката генерирана со користење на оваа технологија.
Академијата донесе одлука во 2023 година дека само луѓето можат да се квалификуваат за Греми.
„Дело што нема човечки придонес не може да се квалификува во ниту една категорија“, се вели во одлуката.
Но, „делото што содржи елементи на материјал создаден од вештачка интелигенција може да се квалификува во соодветните категории“, се додава.
Така, како што сега стојат работите, дело создадено чисто од генеративна вештачка интелигенција не може да се квалификува за наградата.
Можно е да се земат предвид композициите изменети наместо креирани од алатки за вештачка интелигенција како „Now and Then”.
Или како што рече Маккартни за новата песна на Битлси: „Ништо не е вештачки создадено“.
Лизгав терен
Пејачката и текстописец од Нешвил, Мери Брег, изјави за AFP дека типот на технологија што се користи за „Now and Then” е прилично вообичаен. Таа рече дека алатката често се користи рутински, па медиумскиот шок поради песната на Битлси е малку претеран.
Сепак, Брег истакна дека импликациите на алатките за вештачка интелигенција во музиката се „голема работа затоа што сега сме на нова територија“.
Прашањата се далекусежни и „секако тоа е лизгав терен“, рече таа за AFP. „Луѓето сè повеќе сфаќаат што е можно“, додава.
„Но, ако не се зачува интегритетот на уметноста, тогаш тоа ќе биде голема причина за загриженост“, посочува Брег.
Уметниците се најмногу загрижени за прашања како што се употребата на нивните дела без експлицитна дозвола или за обука на вештачка интелигенција или нивно фалсификување. Брег рече дека овие примери „дефинитивно спаѓаат во категоријата на лизгава патека“.
Линда Блос-Баум, предавач на Американскиот универзитет и член на одборот на Здружението на текстописци на Северна Америка, вели дека е загрижена за многу аспекти на вештачката интелигенција, но не и за технологијата што се користи за песната на Битлси.
„Многу лоши работи можат да им се случат на уметниците поради вештачката интелигенција, но ова е пример за нешто навистина добро“, рече таа.
„Мислам дека тоа е навистина добар пример за тоа како вештачката интелигенција може да им користи на уметниците, ако тие сакаат“, додаде таа за песната, која е создадена со дозвола на наследниците на Ленон и Харисон.
Веста дека Битлси се номинирани за една од главните Греми награди, поттикна некои инсајдери во индустријата и корисници на социјалните мрежи да превртуваат очи од фактот дека една стара песна е номинирана покрај или наместо современа.
Но, Греми се награда која ја доделува индустријата а не фановите, и понекогаш постои мисловен процес зад номинациите што има смисла за членовите на академијата, дури и ако ја збунува пошироката јавност.
Брег истакна дека престижната награда за снимка на годината (награда за изведба и продукција) ја добиваат и продуцентите и инженерите на звукот и изведувачите.
Вклучувањето на Битлси е „предвесник на она што веројатно ќе дојде во иднина во светот на дискографската уметнос“, рече таа.
Неколку други уметници номинирани за снимка на годината веќе беа номинирани во таа категорија, но никогаш не победија, вклучувајќи ги Бијонсе, Ламар и… Битлси.
Тоа е нивната петта можност во таа категорија; последен пат беа номинирани во 1971 година за „Let It Be“.
Слични новости
Дип Сик АИ апликацијата што го стресе светот
По неговото лансирање ДипСик предизвика масовно купување на технолошки акции. Акциите на Нвидиа паднаа за 17 насто во само еден ден на американската берза што беше загуба од 600 милијарди долари на пазарната вредност. Според Блумберг, тоа е најголемиот пад во историјата на американската берза.
Не го оплакувајте крајот на неолиберализмот
Успехот на личност како што е Трамп со негови антиглобалистички ставови, наведе многумина да тврдат дека дојде до крајот на неолиберализмот. Но,...
Кои премиери поднесуваа оставка на Балканот и зошто
Во политичкиот живот, оставката обично се нарекува „морален чин“. Во балканските држави кои се често погодени со економски и општествени кризи, оставките главно беа поднесувани „од лични причини“, поради изборни неуспеси, застој во економијата, но и поради постапки за воени злосторства.