Бугарскиот премиер Румен Радев денеска соопшти дека се забележани нови напади со дронови врз бродови во Црното море, оценувајќи дека такви напади во непосредна близина на бугарските територијални води се „апсолутно недопустиви“.
Радев наведе дека е свикана вонредна седница на Советот за безбедност во Бугарија на која се добиени информации за нови напади врз бродови во Црното море. Еден брод е погоден на 17 наутички милји источно од Крапец, кој потонал, а спасен е само еден член на екипажот. Неколку часа претходно бил примен повик за помош од брод кој се наоѓал на 18 наутички милји од Бјала.
Според податоците што ги достави екипажот на спасувачкиот центар во Варна, бродот бил погоден со три воздушни дронови.
Бугарските спасувачки екипи ги евакуираа сите 15 членови на екипажот на бродот „Челси 3“ кој пловел под знамето на Малта, регистриран во Одеса и кој е во украинска сопственост. На петмина им била укажана лекарска помош.
Бугарскиот премиер изјави дека за инцидентите бара помош од НАТО и дека очекува разговор со генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Радев рече дека нема цврсти докази за да подигне обвинение против некоја држава, но резултатот укажува во корист на Русија, поради што најави дека ќе ја повика руската амбасадорка во Бугарија Елеонора Митрофанова на разговор.
Слични новости
Пентагон со план за повлекување на речиси една третина од американските сили од Европа
План за повлекување авиони, воени бродови, оружје и десетици илјади американски војници од Европа разгледува Пентагон, и покрај предупредувањата од сојузниците на НАТО за растечката закана од руска агресија, јави Ен-Би-Си повикувајќи се на сегашни и поранешни западни и американски функционери.
Нафтата Брент близу 104 долари за барел, европскиот гас на околу 77 евра за мегават-час
Цената на нафтата Брент на светските берзи денеска достигнува околу 104 долари за барел, додека американската лесна нафта ВТИ се продава по цена од 101 долар за барел.
Вучиќ за пресудата за Тачи: Нема причина ни за радост ни за жалост
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија „во овој момент нема причина ниту да се радува ниту да тагува“ по пресудата со која поранешниот косовски претседател Хашим Тачи беше осуден на 25 години затвор за воени злосторства.


