Израелските безбедносни сили во средата зазедоа позиции во градот Тубас на Западниот брег и им наредија на некои палестински жители да ги напуштат своите домови, што е најновиот напад во повеќемесечната кампања против градовите на северниот дел на Западниот брег.

Гувернерот на Тубас, Ахмед Ал-Асад, изјави за Reuters дека израелските сили, поддржани од хеликоптери кои отвориле оган, го опкружуваат градот и воспоставуваат позиции во неколку населби.

„Се чини дека оваа инвазија ќе биде долга, бидејќи израелските окупациски сили ги избркаа луѓето од нивните домови, ги окупираа покривите на зградите и вршат апсења“, рече тој.

Може да се видат израелски возила како минуваат низ градот, а војниците патролираат по улиците носејќи пушки и ракетни фрлачи. Војници беа видени и во блискиот град Тамун.

Кога беше прашан за операцијата, портпаролот на израелската влада, Шош Бедросијан, им рече на новинарите дека безбедносните сили дејствуваат за да спречат, како што рече, терористички активности.

Израелската војска објави дека операцијата, спроведена заедно со полициските и разузнавачките сили, започнала рано наутро во средата. Портпаролот на војската одби да даде дополнителни детали, велејќи дека наскоро ќе бидат објавени повеќе детали.

Ал-Асад рече дека израелските сили им наредиле на сите оние што ги принудиле да ги напуштат своите домови да не се враќаат додека не заврши операцијата, која се очекува да трае неколку дена.

„Тие продолжуваат да ја комплетираат контролата врз градот“, изјави тој подоцна за Ројтерс, додека израелските сили поставија барикади и досега приведоа најмалку 22 Палестинци.

Во палестинската енклава Западниот брег жирваеат 2,7 милиони Палестинци кои уживаат ограничена самоуправа под израелска воена окупација која трае од 1967 година. Во меѓувреме стотици илјади Израелци властите ги населуваат во доселенички населби кои меѓународната заедница ги смета за нелегални.

Нападот од средата е продолжение на воените операции што израелските сили ги започнаа во делови од северниот дел на Западниот брег оваа година, почнувајќи со Џенин во јануари, само неколку дена откако американскиот претседател Трамп влезе во Белата куќа во вториот мандат.

Оттогаш илјадници Палестинци се принудени да ги напуштат своите домови, а израелските сили ги срамнуваат со земјата бегалските кампови со градежна мејанизација, одржувајќи го своето најдолго присуство во некои градови на Западниот брег последните децении.

Human Rights Watch овој месец го обвини Израел за воени злосторства и злосторства против човештвото за она што го нарече присилно протерување. Израел негира дека извршил такви злосторства.

Последните месеци, насилството на еврејските доселеници врз Палестинците на Западниот брег, исто така, ескалираше. Доселениците ретко се апсат или гонат, иако бранот напади предизвика критики од премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Хамас, кој се согласи на прекин на огнот со Израел во Газа минатиот месец, ја осуди последната операција на Западниот брег, повикувајќи ја меѓународната заедница да интервенира за да ја спречи.

Откако Хамас го нападна Израел од Газа пред две години на 7 октомври, Израел строго го ограничи движењето на Западниот брег. Таму постави нови контролни пунктови, а некои палестински заедници се ефикасно блокирани со барикади и безбедносни порти.

globe

Слични новости

Замир постави нова граница со Појасот Газа

Замир постави нова граница со Појасот Газа

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека линијата до која се повлекоа израелските сили сега е новата граница меѓу Израел и палестинските територии

Индонезија се справува со последиците од поплавите во кои загинаа над 900 луѓе

Индонезија се справува со последиците од поплавите во кои загинаа над 900 луѓе

Индонезија се справува со последиците од масовните лизгања на земјиштето и ненадејните поплави предизвикани од циклонот на островот Суматра минатата седмица, при што бројот на жртвите во неделата надмина 900 луѓе