„Договорот е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, за што се учело додека сме биле деца дека двете држави, двата главни града и Софија и Скопје треба да се поврзат со железничка врска“.
Вака изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на церемонијата во Ѓуешево, најзападната и највисоко лоцирана железничка станица во Бугарија, на 933 метри надморска височина.
Николоски и бугарскиот колега Гроздан Караџов го потпишаа Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8.
Бугарскиот минстер Караџов посочи дека овој ден е исклучително важен и оти се исполнува сон на многу генерации.
– Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 години. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.
Договорот кој е потпишан ги дефинира меѓусебните обврски за изградба на меѓуграничниот железнички тунел.
Договорот за подготовка, изградба и оперативност на тунелот беше потпишан во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД Анџела Агелер.
Пругата Скопје-Софија, чија изградба е почната во 1994 година, се гради во три фази, а проценките на надлежните институции се дека со неа ќе се зголеми товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по изградбата. Завршена е изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце во должина 30,8 километри (40,5 милиони евра).
Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра, каде прогресот на работите е 35 проценти, а рокот за завршување е крајот на 2026 година. За третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение, според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач.
Изградбата на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста, се смета за најголем предизвик.
На западното крило на железничкиот Коридор 8, предвидена е изградба на пруга од Кичево до Лин, за што е подготвен и проект. Владата неодамна најави и проект за реконструкција на линијата Скопје -Јегуновце-Тетово-Гостивар-Кичево во должина од 103 километри. Добиен е грант од ЕУ од 5,3 милиони евра за изработка на еколошка студија, физибилити студија и подготовка на тендерска докумeнтaција. Се очекува за две години да се избере изведувач.
Слични новости
Андоновска: Со одобрување на Заев, Филипче и Николовски се празнеле и препродавале стоковите резерви на црните пазари
И покрај укажувањата дека пченицата постоела и била употреблива, направен е записник што го тврди спротивното, т.е документ со контрадикции, кој сепак е прифатен на владина седница. Тоа значи дека Заев, Николовски и актуелниот претседател на СДСМ во опозиција, Венко Филипче, како дел од тогашната владина структура, формално легитимирале документ што не кореспондирал со фактичката состојба на терен, обвинува ВМРО-ДПМНЕ во врска со скандалот со отпис на 2.000 тони пченица и јачмен од стоковите резерви.
Димитријевиќ: Девет милиони евра тендери за фирма со двајца вработени, отворена пред една година, крадењето мора да запре
Фирмата ’Дигитал оне’, е формирана на крај на август лани и сите овие тендери со владини и државни институции се во период од мај-ноември 2025. Фирма без историја, без искуство, без портфолио – регистрирана за трговија со информатичка и комуникациска опрема добива речиси девет милиони евра за само шест месеци, велат од СДСМ
Регистрирани нови 38 случаи на ХИВ/СИДА гоиднава во Македонија, осум лица починале
Триесет и осум пријави за новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА во Македонија се пристигнати оваа година, заклучно со 27 ноември, според податоците што ги објави Институтот за јавно здравје во извештајот објавен по повод 1 декември, Светски ден за борба против СИДА


