Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 27 февруари 2025 година, ги разгледа последните макроекономски показатели, како и информациите за управувањето со девизните резерви во последниот квартал на 2024 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, меѓународните организации очекуваат стабилизација на глобалниот економски раст во периодот 2024 – 2026 година, со врамнотежени краткорочни ризици, но надолни среднорочни ризици поврзани главно со трговската неизвесност и геополитичките тензии.

Макроекономската состојба кај нас е во согласност со октомвриските проекции, со годишен раст на БДП од 3% во третиот квартал од 2024 година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и целосно е во согласност со последните проекции на Народната банка. Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер коишто можат да влијаат на агрегатната побарувачка. Во декември 2024 година, вкупните депозити и кредити пораснаа над очекувањата, со годишен раст од 11,4% и 11,2%, соодветно. Анкетните податоци укажуваат на олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка на кредити.
Според Извештајот за управувањето со девизните резерви, на крајот на декември 2024, девизните резерви на земјава достигнаа историски максимум од 5.029 милиони евра, со повеќе од 60% вложени во хартии од вредност, главно државни обврзници од еврозоната.
Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а балансираниот приод во инвестирањето придонесе за остварување поволни финансиски резултати.
На седницата, Советот ги разгледа и ги усвои Финансиските извештаи на Народната банка и Годишната сметка за 2024 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија. Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи ја прикажуваат објективно финансиската состојба на Народната банка, како и резултатите од работењето и паричните текови, во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување. Во согласност со заложбите за обезбедување транспарентност во работењето, Финансиските извештаи на Народната банка се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, како и на интернет-страницата на Народната банка.
Слични новости
Светските берзи во пад под притисокот од цаинската војна
Цените на акциите паднаа на светските берзи минатата седмица бидејќи инвеститорите стравуваа дека царинската војна меѓу Вашингтон и неговите најголеми трговски партнери ќе предизвика забрзување на инфлацијата и забавување на економскиот раст
Таравари: Во моментот 118 лица згрижени низ болниците во државата, понудена помош од соседните земји
Министерот за здравство Арбен Тараври изјави дека повредени од пожарот во дискотеката во Кочани се згрижени низ државните болници и на Клинички центар во Скопје и на сите им е укажана медицинска помош. Засега имаат капацитети државните болници, а им била понудена и помош од држави од соседството.
Тошковски: 51 лице загина, над 100 повредени во пожарот во Кочани
Педесет и едно лице загина, а повеќе од 100 се повредени во синоќешниот пожар во дискотека во Кочани, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски