Во неделниот натпревар од НБА лигата, Бостон го совлада Денвер со 110:103, со што се зацврсти на второто место во Источната конференција.
Тоа беше судир меѓу последните два шампиона во НБА. Бостон лани славеше победувајќи го Далас со 4-1, додека претходната година Денвер во финалето го победи Мајами со 4-1.

Со оваа победа, Селтикс ја прекинаа серијата од два пораза и сега заостануваат со скор 43-18 зад водечкиот тим на истокот Кливленд Кавалирс (49-10). Од друга страна, Денвер го забележа вториот пораз во последните три натпревара и моментално е втор на Западот со 39 победи и 22 порази. Оклахома Сити Тандер е убедливо на првото место со 48 победи и 11 порази.
Бостон подобро го отвори натпреварот и по првата четвртина имаше 12 поени предност (32:20), во вториот дел предноста порасна на 20 (59:39), но гостите намалија на минус четири (83:79) на стартот од последната четвртина. Во последните минути Денвер дојде на само три поени негатива (102:99), но не можеше да го направи и последниот исчекор кон голем пресврт. На крајот дуелот заврши со резултат 110:103 за Бостон.
Домашниот тим го предводеше Џејлен Браун со 22 поени, осум асистенции и пет скока. Ал Хорфорд додаде 19 поени и осум скока, а Џејсон Тејтум забележа 16 поени, 11 скока и седум асистенции.
Кај Денвер најефикасен беше Џамал Мареј со 26 поени, шест скока и седум асистенции. Кристијан Браун постигна 24 поени, а Никола Јокиќ беше на чекор до нов „трипл-дабл“ го заврши натпреварот со 20 поени, 14 скока и девет асистенции.

Слични новости
НБА: Гилџеус-Александер постигна 51 за 50. победа на Тандер сезонава
Водечкиот тим во западната конференција на американската професионална кошаркарска лига НБА, Оклахома Сити Тандер, на домашен терен го совлада Хјустон Рокетс со 137:128, а најдобриот играч на Тандер, Шаи Гилџеус-Александер повторно го предводеше својот тим со 51 поен
Лејкерс подобри од Клиперс во дербито на Лос Анџелес
Лос Анџелес Клиперс се поразени во градското дерби во кое Лејкерс беа подобри од нив со 108:102. Клиперс беа предводени од Кави Ленард со рекордни за сезоната 33 поени и 10 скока, Крис Дан додаде 15 поени за Клиперси кои загубија по петти пат во шест натпревари
Олимпијакос го доби дербито со АЕК, навивачки пресметки
Во дербито од 25. коло на грчкото фудбалско првенство, Олимпијакос на гости го совлада АЕК со гол 1:0 во судиското надополнување