Во неделниот натпревар од НБА лигата, Бостон го совлада Денвер со 110:103, со што се зацврсти на второто место во Источната конференција.
Тоа беше судир меѓу последните два шампиона во НБА. Бостон лани славеше победувајќи го Далас со 4-1, додека претходната година Денвер во финалето го победи Мајами со 4-1.

Со оваа победа, Селтикс ја прекинаа серијата од два пораза и сега заостануваат со скор 43-18 зад водечкиот тим на истокот Кливленд Кавалирс (49-10). Од друга страна, Денвер го забележа вториот пораз во последните три натпревара и моментално е втор на Западот со 39 победи и 22 порази. Оклахома Сити Тандер е убедливо на првото место со 48 победи и 11 порази.
Бостон подобро го отвори натпреварот и по првата четвртина имаше 12 поени предност (32:20), во вториот дел предноста порасна на 20 (59:39), но гостите намалија на минус четири (83:79) на стартот од последната четвртина. Во последните минути Денвер дојде на само три поени негатива (102:99), но не можеше да го направи и последниот исчекор кон голем пресврт. На крајот дуелот заврши со резултат 110:103 за Бостон.
Домашниот тим го предводеше Џејлен Браун со 22 поени, осум асистенции и пет скока. Ал Хорфорд додаде 19 поени и осум скока, а Џејсон Тејтум забележа 16 поени, 11 скока и седум асистенции.
Кај Денвер најефикасен беше Џамал Мареј со 26 поени, шест скока и седум асистенции. Кристијан Браун постигна 24 поени, а Никола Јокиќ беше на чекор до нов „трипл-дабл“ го заврши натпреварот со 20 поени, 14 скока и девет асистенции.

Слични новости
Кадилак и официјално во Формула 1 од 2026.
Во петокот беше официјално објавено дека тимот на Кадилак ќе учествува на Светското првенство во Формула 1 од 2026 година
Почнува судскиот процес против обвинетите за смртта на Марадона
Повеќе од четири години по смртта на Диего Армандо Марадона, во вторник започнува судењето на седум здравствени работници обвинети за небрежност што потенцијално доведе до смрт на аргентинската фудбалска икона
Тренерот на Фенербахче Мурињо го предупреди Ренџерс да не слави предолго
Тој рече дека не е задоволен од играта на своите играчи, но дека е среќен што загубиле само со два гола разлика, затоа што можеле да загубат и повеќе.