Водството на американската професионална кошаркарска лига НБА соопшти дека овосезонскиот „Ол-стар“ натпревар, кој ќе се одржи на 16. февруари во Сан Франциско, ќе се игра во нов формат.

Првпат во историјата, централниот дел на „Ол-стар викендот“ нема да биде еден натпревар со 12 играчи од секој тим, туку турнир со четири екипи со по осум играчи. Прво ќе се одиграат два полуфинални натпревара, а победниците од тие полуфиналиња ќе ги одмерат силите во финалето. Сите три натпревара ќе се играат на тој начин што победник ќе биде тимот кој прв ќе постигне или надмине 40 поени.

Во првите три тима ќе има 24 играчи кои ќе бидат избрани за „Ол-стар“ мечот по традиционален метод, ќе бидат избрани за своите тимови од почесни капитени, поранешни НБА играчи, во еден вид „драфт“ кој ќе се одржи на 6. февруари, а своите екипи ќе ги избираат некогашните НБА ѕвезди а денешни коментатори Чарлс Баркли, Шекил О’Нил и Кени Смит. Четвртиот тим ќе биде победничкиот тим на турнирот „Ѕвезди во подем“, кој ќе се одржи в петок, на кој ќе учествуваат најдобрите играчи кои се во својата прва или втора НБА сезона и најистакнатите играчи од развојната лига.

Гласањето за учесниците на НБА „Ол Стар“ дуелот ќе започне на 19. декември.

globe

Слични новости