Британската пејачка и актерка Меријен Фејтфул, која преживеа зависност од дрога, бездомништво, две коми, рак и ковид-19, почина на 78-годишна возраст, објавија во четвртокот британските медиуми.

„Со длабока тага ја објавуваме смртта на пејачката, текстописец и актерка Меријен Фејтфул. Меријен почина денеска мирно во Лондон, опкружена со своето љубезно семејство. Многу ќе нѝ недостига“, рече нејзиниот портпарол во соопштението, пренесе BBC.

Нејзиниот прв хит во 1964 година, „As Tears Go By“, изведен со продорен меланхоличен глас, ја навести потемната страна на британскиот поп, кој тогаш го освојуваше светот со разиграните мелодии на Beatles и Rolling Stones.

Поранешната девојка на Мик Џегер, Фејтфул, по прекинувањето на врската станала зависна од хероин и анорексична, поради што на почетокот на 70-те години поминала две години на улиците на лондонскиот Сохо.

Но, без разлика колку ниско паѓаше, Фејтфул секогаш се враќаше. За време на нејзината кариера, таа издаде 21 соло албум, вклучувајќи го и познатиот „Broken English“ од 1979 година, кој ѝ донесе номинација за Греми. Напиша три автобиографии и се занимаваше и со актерска кариера.

Голем дел од нејзината слава произлезе од бурниот живот исполнет со скандали со „лошите момчиња“ на рокот.

Фејтфул и Џегер биле уапсени во 1968 година поради поседување канабис, а најпознатиот инцидент се случил една година претходно, кога полицијата ја нашла завиткана во мечешко крзно при рација во куќата на Кит Ричардс.

Инцидентот засекогаш ѝ го обезбеди местото меѓу рокенрол легендите, но Фејтфул подоцна тврдеше дека таа не учествувала во дивата оргија, како што сугерираа британските таблоиди. Таа објаснуваше дека била во кадата кога полицијата упаднала и само го грабнала најблиското нешто што и било при рака, а тоа бил тепихот.

Таа се пожали на двојните стандарди на општеството, бидејќи истовремено клеветејќи ја неа, ги сметаше Џегер и Ричардс за легендарни бунтовници.

И покрај личната цена што ја плаќаше, вклучително и предозирање со апчиња за спиење во Австралија во 1969 година што ја остави во кома, Фејтфул ја ценеше можноста да учи од големите музичари како Џегер, Пол Макартни и Џон Ленон.

globe

Слични новости

Лондонските тунели ќе станат нова туристичка атракција

Лондонските тунели ќе станат нова туристичка атракција

Тунелите изградени за да се засолнат лондончани за време на германските бомбардирања во Втората светска војна треба да станат најголемата нова туристичка атракција на британската престолнина, според компанијата што ја купи широката мрежа од тунели

Пронајдена слика на Ван Гог во гаражна распродажба на слики во Минесота

Пронајдена слика на Ван Гог во гаражна распродажба на слики во Минесота

Сликата ја купи колекционер на антиквитети во 2016, а стручњаците ја идентификуваа како дело на Ван Гог по проценка која траеше цели четири години. Истражувачите, исто така, пронајдоа делови од коса во платното и ја испратија на анализа.