Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата изјави дека на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од групата Г7, планиран да се одржи во четврток во Канада, нема да се разговара за „преземањето на Канада“ од страна на САД, како што повеќепати споменуваше американскиот претседател Доналд Трамп.
Министрите за надворешни работи од групата што ја сочинуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите држави, ќе се состанат во одморалиштето Ла Малбаи во Квебек од 12-ти до 14-ти март, првпат откако Трамп повторно влезе во Белата куќа во јануари.

На прашањето на новинарите за изјавите на Трамп дека Канада треба да стане 51-та држава на САД, Рубио го избегна одговорот и зборуваше за областите на соработка меѓу САД и Канада, вклучително и одбраната на северноамериканскиот воздушен простор и Украина.
„На состанокот на Г7 ќе бидеме фокусирани на сите овие работи. Тоа е темата на состанокот. Тоа не е состанок за преземање на Канада“, рече тој.
Односите меѓу САД и Канада се влошија по повеќекратните изјави на Трамп дека северниот сосед на Вашингтон е всушност 51-та американска држава, а канадскиот премиер Џастин Трудо го нарече нејзин „гувернер“.
Двете соседни земји истовремено се вклучени во трговска војна. Трамп ги зголеми царините за увоз на челик и алуминиум од Канада, обвинувајќи ја земјата дека не прави доволно за да го запре протокот на смртоносниот опиоид фентанил и други хемикалии во САД, додека се обидува да ги промени глобалните трговски норми во корист на Соединетите држави.
Рубио им рече на новинарите дека Трамп не издвојува ниту една земја, туку се обидува да помогне во развојот на домашните индустриски капацитети, бидејќи моменталната ситуација долгорочно ја загрозува националната безбедност на САД.
Американскиот државен секретар рече дека и покрај споменатите тензии, очекува конструктивни разговори со сојузниците од групата Г7.
„Мислам дека е сосема можно за нас да ги постигнеме сите овие работи и во исто време да комуницираме конструктивно со нашите сојузници, пријатели и партнери за сите други прашања на кои работиме заедно. И тоа е она што го очекувам од Г7 во Канада“, рече Рубио.
Слични новости
Дуда апелира САД да разместат нуклеарно оружје во Полска
Полскиот претседател Анджеј Дуда ги повика Соединетите држави да го пренесат свото нуклеарно оружје во источна Европа
Хамас го поздравува ретерирањето на Трамп од предлогот за раселување во Газа
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем, во средата го поздрави очигледното повлекување на американскиот претседател Доналд Трамп од предлогот за трајно раселување на Палестинците од Газа
Русија има барања за разговорите со САД околу Украина
Не е јасно што точно ставила Москва на својата листа или дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да ги прифати барањата