Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата изјави дека на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од групата Г7, планиран да се одржи во четврток во Канада, нема да се разговара за „преземањето на Канада“ од страна на САД, како што повеќепати споменуваше американскиот претседател Доналд Трамп.
Министрите за надворешни работи од групата што ја сочинуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите држави, ќе се состанат во одморалиштето Ла Малбаи во Квебек од 12-ти до 14-ти март, првпат откако Трамп повторно влезе во Белата куќа во јануари.

На прашањето на новинарите за изјавите на Трамп дека Канада треба да стане 51-та држава на САД, Рубио го избегна одговорот и зборуваше за областите на соработка меѓу САД и Канада, вклучително и одбраната на северноамериканскиот воздушен простор и Украина.
„На состанокот на Г7 ќе бидеме фокусирани на сите овие работи. Тоа е темата на состанокот. Тоа не е состанок за преземање на Канада“, рече тој.
Односите меѓу САД и Канада се влошија по повеќекратните изјави на Трамп дека северниот сосед на Вашингтон е всушност 51-та американска држава, а канадскиот премиер Џастин Трудо го нарече нејзин „гувернер“.
Двете соседни земји истовремено се вклучени во трговска војна. Трамп ги зголеми царините за увоз на челик и алуминиум од Канада, обвинувајќи ја земјата дека не прави доволно за да го запре протокот на смртоносниот опиоид фентанил и други хемикалии во САД, додека се обидува да ги промени глобалните трговски норми во корист на Соединетите држави.
Рубио им рече на новинарите дека Трамп не издвојува ниту една земја, туку се обидува да помогне во развојот на домашните индустриски капацитети, бидејќи моменталната ситуација долгорочно ја загрозува националната безбедност на САД.
Американскиот државен секретар рече дека и покрај споменатите тензии, очекува конструктивни разговори со сојузниците од групата Г7.
„Мислам дека е сосема можно за нас да ги постигнеме сите овие работи и во исто време да комуницираме конструктивно со нашите сојузници, пријатели и партнери за сите други прашања на кои работиме заедно. И тоа е она што го очекувам од Г7 во Канада“, рече Рубио.
Слични новости
Пакистанските сепаратисти земаа 182 заложници
Безбедносните сили соопштија дека се слушнала експлозија во близина на тунелот и дека имало размена на оган со милитантите во планинската област
ЕУФОР: Распоредуваме воено засилување во БиХ
Военото засилување на ЕУФОР во Босна и Херцеговина почна да пристигнува, потврди во вторникот командата на силите на Европската унија во Сараево
Фон дер Лајен: Урнати се илузиите за европската безбедност
Илузиите за безбедноста на Европа се урнати и Европската унија мора веднаш да почне да инвестира значително повеќе во својата одбрана, изјави во вторникот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето пред Европскиот парламент