Цените на акциите пораснаа на Волстрит во вторникот, при што индексот S&P 500 достигна рекордно високо ниво, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од извештајот за побрз од очекуваниот економски раст на САД.

Индесот Dow Jones порасна за 0,16 отсто на 48.442 поени, додека S&P 500 се зголеми за 0,46 отсто на 6.909 поени, а индексот Nasdaq скокна за 0,57 отсто на 23.561 поен.

Инвеститорите беа охрабрени од фактот дека во третиот квартал, американскиот бруто домашен производ (БДП) порасна за 4,3 отсто на годишна основа, најбрзо во последните две години и значително повеќе од 3,3 отсто што ги очекуваа аналитичарите.

Податоците предизвикаа раст на цените на акциите, но шпекулациите за натамошно намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка стивнаа, бидејќи доколку економијата и пазарот на трудот растат постојано, нема причина да се намалува цената на парите. Особено затоа што инфлацијата е сè уште далеку над целните нивоа на централната банка на САД од околу 2 отсто.

„Економијата расте, се справува подобро од очекуваното… но ако работите во прехранбена компанија или во енергетска компанија или во кредитна компанија, тоа не е толку добра вест. Сè што не поттикнува намалување на каматните стапки е лоша вест“, смета Стивен Масока, потпретседател на компанијата „Wedbush Securities“.

Иако не се очекуваат многу важни вести оваа работна седмица, скратена поради божикните празници, цените на акциите растат бидејќи инвеститорите обично ги разубавуваат своите портфолија кон крајот од годината, купувајќи ги оние акции што оствариле најдобри резултати од почетокот на годината.

Според алманахот на пазарите на капиталот, од 1950 година до минатата година, индексот S&P 500 пораснал во просек за 1,3 отсто во последните пет трговски дена од годината и првите два дена од јануари.

Доколку традицијата продолжи, индексот S&P 500 ќе ги зголеми своите добивки на годишна основа. Досега оваа година, тој порасна за повеќе од 17 отсто, главно благодарение на оптимизмот за развојот на вештачката интелигенција и намалувањето на каматните стапки.

Цените на акциите, исто така, пораснаа вчера и на повеќето европски берзи. Лондонскиот индекс FTSE порасна за 0,24 отсто на 9.889 поени, а франкфуртскиот DAX за 0,23 отсто на 24.340 поени. Парискиот CAC, сепак, падна за 0,21 отсто на 8.103 поени.

globe

Слични новости

Ублажен растот на продажбата на нови автомобили во ЕУ во ноември

Ублажен растот на продажбата на нови автомобили во ЕУ во ноември

Продажбата на автомобили во Европската унија се зголеми по петти месец по ред во ноември, благодарение на континуираната силна продажба на електрични возила, но беше значително послаба отколку на почетокот од есента

Од 1-ви јануари повисоки сметки за струјата

Од 1-ви јануари повисоки сметки за струјата

Наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 проценти. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87 отсто, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54 проценти. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако беше предложено да има зголемување од 9,63 проценти и во четврт блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 проценти, соопшти денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски. Тој посочи дека поскапувањето за 85 отсто од домаќинствата ќе биде за 2,28 отсто или за 57-70 денари на просечната сметка.