Париска аукциска куќа следниот месец ќе понуди на продажба досега непознато дело од францускиот импресионист Пјер-Огист Реноар, на кое е прикажан неговиот син Жан, кој подоцна стана светски познат режисер и во 1975 година беше награден со специјален Оскар за неговиот придонес во филмската индустрија.
Вредноста на маслото на платно со наслов „L’enfant et ses jouets – Gabrielle et le fils de l’artiste, Jean“ („Детето и неговите играчки – Габриел и синот на уметникот, Жан“) се проценува на милион до милион ипол долари, објави аукциската куќа Drouot.
Се верува дека сликата е насликана меѓу 1890 и 1895 година. На неа е прикажан вториот син на уметникот, Жан Реноар, како мало момченце кое седи во скутот на неговата дадилка и си игра со фигурини.
Познатиот син на уште попознатиот татко, Жан Реноар е роден во 1894 година, а во 1975 година, само неколку години пред неговата смрт на 84-годишна возраст, ја освои наградата Оскар за животно дело.
Неговите дела вклучуваат бројни филмски класици: „Големата илузија“, „Излет“, „Марсељеза“, „Појадок на трева“, „Јужњакот“…
Дадилката прикажана на сликата е Габриел Ренар, која почнала да работи за сопругата на сликарот на 16-годишна возраст. Таа била една од омилените модели на Реноар. Таа позирала за околу 200 негови дела.
Портретот на Жан и Габриел ѝ припаѓал на кумата на Жан, Жан Бодо, и се пренесувал од генерација на генерација сѐ до неодамна.
Вредното дело ќе биде понудено на аукција на 25-ти ноември.
Слични новости
Гиљермо дел Торо добитник на наградата на Британскиот филмски институт
Наградата BFI Fellowship, претхдно ја добија славните режисери Орсон Велс, Мартин Скорцесе и Акира Куросава.
„Зимското јајце“ на Фаберже продадено за рекордни 30,2 милиони долари
„Зимското јајце“ кое се смета за една од најубавите креации на Фаберже беше купено од анонимен купувач, соопшти аукциската куќа Кристи, пренесува Би Би Си. Јајцето е украсено со 4.500 дијаманти, а го нарача царот Николај Втори 1913 како божиќен поклон за својата мајка царицата Марија Фјодоровна.
50 години од легендарната песна „Боемска рапсодија“ на Квин
Пред точно половина век, есента во 1975 британската рок група „Queen“ го објави својот четврти студиски албум A night at the Opera, a шестминутната необична композиција „Bohemian rhapsody“ беше избрана за водечки сингл на албумот.


