Најголемиот предизвик за финансирањето на јавниот долг за следната година е сервисирањето или враќањето на обврзницата од 700 милиони евра. Тоа е она коешто најмногу му тежи на буџетот, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Таа нагласи дека ќе се прави комбинација помеѓу странското и домашното задолжување, за, како што рече, да не ги оптоваруваме банките во земјава и да можат повеќе да го финансираат приватниот сектор.
„Дополнително на тоа има речиси 200 милиони евра дополнителни обврски кон странство, односно долгови од претходно што треба да ги вратиме. Од таа причина, финансирањето е предвидено да оди со евро обврзница од 950 милиони евра. Можеби тој износ ќе се зголеми затоа што се предвидени уште 350 милиони евра дополнително странско задолжување и уште 400 милиони евра на домашниот пазар“, рече министерката во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на која го презентираше Предлог буџетот за 2026 година.
Димитриеска Кочоска порача дека зголемувањето на јавниот долг ќе биде во суштина износот на дефицитот, 39 милијарди денари и ништо повеќе од тоа.
Се друго е за сервисирање на стари обврски коишто претходно биле создавани, рече Димитриеска Кочоска.
Прашана колкава ќе биде проекцијата на јавниот долг, таа рече дека точниот податок ќе го има до крајот на денов.
„Во однос на јавниoт долг, јас сега не би сакала да кажувам податоци иако ние ги имаме, меѓутоа би сочекала до крајот на денот. Знаете дека имаше корекции коишто се правеа и во ДЗС. Очекуваме да видиме дали ќе има одредени промени на 2024, 2025 нема апсолутно никакви промени. Ќе видиме како ќе се одвиваат нашите проекции имајќи предвид дека сега во моментот има 58,5 проценти јавен долг. Најверојатно и до крајот на годината нема да реализираме над 60, а годинава беше предвиден над 62 проценти. Така што, да оставиме до крајот на денот да видиме какви ќе бидат информациите, и во однос на другите институции, бидејќи јавниот долг вклучува и долгови или задолжувања на институциите коишто не се или јавни претпријатија акционерски друштва, кои не се дел од Буџетот. Така што, до крајот на денот ќе го имаме точниот податок и ќе можам да излезам со точен податок колку би бил јавниот долг“, рече Димитриеска Кочоска.
Слични новости
Претпазлив почеток на седмицата на европските берзи
Европските берзи тргуваа претпазливо во понеделник претпладнето, додека инвеститорите чекаат нови вести, а одлуката на Федералните резерви на САД за каматните стапки е во фокусот оваа седмица
Доларот благо падна, благ раст на цените на нафтата
На валутните пазари, вредноста на американскиот доларот во однос на кошничка валути благо падна во претпладневното тргување во понеделникот
Секоја четврта продавница не издава фискални сметки
До крајот на ноември годинава, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела околу 4.000 контроли за регистрирање на готовинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година


