Цените на нафтата паднаа на 62 долари во вторник на меѓународните пазари, бидејќи инвеститорите беа загрижени за прогнозата на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) за вишок во снабдувањето и нови знаци на тензии во трговските односи меѓу САД и Кина.
На лондонскиот пазар, цената на барелот попладнето беше за 1,30 долари пониска од вчерашното затворање на тргувањето, на 62,02 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше за 1,20 долари помалку, на 58,28 долари.
Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОРЕС) објави денеска дека во понеделникот барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки поевтинил за 1,11 долари на 64,22 долари.
Вниманието на трговците го преокупираше најновиот месечен извештај на МАЕ за пазарите на нафта. Понудата брзо расте, а побарувачката е пригушена, па затоа вишокот ќе биде поголем од претходно очекуваното, предупреди агенцијата.
Побарувачката треба да се зголеми за 700.000 барели дневно, оваа и следната година, според новите пресметки на МАЕ. Понудата, пак, се очекува да се зголеми за 3 милиона барели дневно во 2025 година и 2,4 милиони барели дневно во 2026 година.
Глобалните залихи во август достигнаа највисоко ниво во четири години од 7,9 милиони барели, пресмета агенцијата. Прелиминарните податоци за септември, исто така, покажаа остро зголемување, првенствено кај барелите складирани на танкери, коишто, благодарение на порастот на испораките од Блискиот исток и Северна и Јужна Америка, акумулираа дури 102 милиони барели нафта, се вели во извештајот.
Трговците се загрижени и од знаците на тензии во трговските односи меѓу САД и Кина. Американскиот претседател Доналд Трамп, треба да се сретне со својот кинески колега Си Џинпинг во Јужна Кореја и покрај зголемените тензии по заострувањето на контролата на извозот на технологијата на ретки земни метали од страна на Кина.
Кон крајот на минатата седмица, Трамп изјави дека може да ги зголеми царините за кинескиот увоз на 100 отсто и да воведе контрола на извозот на клучниот софтвер за Кина.
Нервозата повторно се зголеми во вторникот откако Пекинг воведе санкции врз групата американски подружници на јужнокорејската бродоградежна компанија „Hahwha Ocean“.
„Американските подружници на Hahwha Ocean им помогнаа и ги поддржаа истрагите и мерките на американската влада против поморскиот, логистичкиот и бродоградбениот сектор на Кина. Кина е многу незадоволна и силно се спротивставува на (тие дејствија)“, соопшти кинеското Министерство за трговија во вторникот.
Поострите тонови во американско-кинеските односи повторно ги поттикнаа стравувањата од забавување на економската активност и побарувачката за енергетски производи.
Слични новости
Доларот благо падна, благ раст на цените на нафтата
На валутните пазари, вредноста на американскиот доларот во однос на кошничка валути благо падна во претпладневното тргување во понеделникот
Секоја четврта продавница не издава фискални сметки
До крајот на ноември годинава, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела околу 4.000 контроли за регистрирање на готовинскиот промет, што претставува зголемување за 2,5 пати во однос на истиот период минатата година
Доларот падна во однос на кошничка валути втора седмица по ред
На светските пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошничка валути падна минатата седмица, втора по ред, бидејќи инвеститорите веруваат дека американската централна банка ќе ги намали клучните каматни стапки следната седмица


