Во дербито од 30. коло на италијанскиот фудбалски шампионат, Наполи го совлада Милан со 2:1, намалувајќи ја разликата зад водечкиот Интер на три бода.
Домашните поведоа веќе во 2. минута со голот на Матео Политан, а Ромелу Лукаку во 19. минута ја удвои предноста на Наполитанците. Милан имаше шанса да се врати во живот во 69. минута од пенал откако Филип Билинг го собори Тео Ернандез во шеснаесетникот. Сантијаго Хименез шутираше од белата точка, но Алекс Мерет успеа да одбрани. Милан сепак ја намали негативата но дури во 84. минута со голот на Лука Јовиќ, па „Росонерите“ брзаа да дојдат до бод во последните минути, но не успеаја.

Наполи сега има 64 бода, три помалку од Интер кој го победи Удинезе со 2:1 на својот „Сан Сиро“. Лидерот во Серија А одлично го започна натпреварот. Во осмата минута Давиде Фратези ја погоди стативата, а само четири минути подоцна Марко Арнаутовиќ погоди за 1:0. Одличното издание на Интер во првото полувреме го заокружи Фратеси во 29. минута за 2:0. Удинезе се врати во живот во 72. минута со одличниот погодок на Оумар Солет од преку 20 метри. Само две минути подоцна можеше да биде 2:2, Лоренцо Лука ја упати топката со глава, но Јан Зомер одлично реагираше. Зомер го спаси Интер и во судиското надополнување, а Солет повторно шутираше но Швајцарецот ја исфрли топката во корнер.
Во претходниот натпревар Фиорентина ја совлада Аталанта со 1:0. Решавачкиот гол го постигна Мојз Кин во последните моменти од првото полувреме. Ова е втор пораз во низа за Аталанта откако на домашен терен загуби со 0:4 од водечкиот Интер во претходното коло. Интер моментално има девет бода повеќе од третопласираната Аталанта.
Интер води со 67 бодови, Наполи заостанува три бода, додека трета е Аталанта со 58 бодови. Следува Болоња со 56, Јувентус со 55, Рома со 52 бода… Милан е деветти со 47 бодови.
Во првиот натпревар во неделата Каљари на домашен терен ја совлада Монца со 3:0. Каљари поведе во 30. минута со голот на Николас Виола, на 2:0 зголеми Џанлука Гаетано во 73. минута, а Зита Лувумбо го постави конечниот резултат во судиското надополнување. Домашната екипа на тој начин ја прекина серијата од пет натпревари без победа и сега е 15-та нан табелата со 29 бодови, шест повеќе од Емполи, кој е прв во зоната за испаѓање на 18-то место. За Монца ова е 19-ти пораз и е последна со 15 бодови.
Колото се затвора в понеделник со дуелите Верона и Парма, а Лацио – Торино.

Слични новости
МЛС му забрани на телохранителот на Меси на работ од теренот
Телохранителот на веројатно најдобриот фудбалер во светот, Лионел Меси, Јасин Чеуко, доби забрана да стои на самата линија на теренот за време на натпреварите
Продолжуваат победничките серии на Бостон и Оклахома
Бостон Селтикс ја продолжија победничката серија на девет натпревари совладувајќи ги Мемфис Гризлис на гости со 117:103
Манчестер Сити подолго време без Халанд
Манчестер Сити во понеделникот потврди дека 24-годишниот норвешки напаѓач Ерлинг Халанд ќе биде надвор од терените во поголемиот дел од тековната сезона, откако се здоби со повреда во четвртфиналето на ФА Купот