Израел во средата соопшти дека останува посветен на прекинот на огнот поддржан од САД во Појасот Газа, и покрај одмаздничкото бомбардирање на енклавата поради смртта на израелски војник, во кое загинаа 104 лица од кои речиси половината се деца.

Иако армијата потврди дека сè уште има намера да го почитува прекинот на огнот, објави дека извршила уште еден воздушен напад во северна Газа. Лекарите известија дека две лица загинале во тој напад.

Смртта на израелски војник во Газа во вторникот предизвика најлоша ескалација во Газа од прекинот на огнот што стапи на сила на 10 октомври. Израел вели дека војникот бил убиен во напад од вооружени лица на територијата во рамките на „жолтата линија“ каде што неговите војници се повлекле според условите на прекинот на огнот. Хамас негираше одговорност за неговата смрт.

 

Израел го опиша својот последен напад во средата како насочен удар врз областа Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, каде што израелската војска тврди дека наводно е складирано оружје. Изјави дека ќе продолжи да го почитува договорот за прекин на огнот, со цврст одговор на секое кршење на прекинот на огнот.

Како одговор на смртта на војникот, израелската војска започна она што го опиша како „насочени напади врз десетици милитанти на Хамас низ енклавата, како и врз складишта со оружје и тунели што ѝ припаѓаат на вооружената група“. Именуваше 24 милитантни цели, вклучувајќи го и командантот на Хамас кој учествувал во напад врз кибуц во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека 46 деца и 20 жени се меѓу 104-те лица убиени во израелските воздушни напади. Во Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, соседите за Reuters изјавиле дека целото семејство Абу Далал било збришано во воздушен напад што го срамнил нивниот дом преку ноќ.

Момче во инвалидска количка плачеше додека телата на членовите на семејството во бели пластични кеси беа товарени на задниот дел од камион, пренесува Reuters. Толпите ги следеа телата додека ги возеа низ улиците до гробиштата.

И покрај бомбардирањето, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека прекинот на огнот поддржан од САД не е во загорзен.

„Колку што јас разбирам, тие убија израелски војник. Израелците возвраќаат и треба да возвратат. Ништо нема да го загрози прекинот на огнот“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“.

Катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, кој дејствуваше како посредник во посредувањето за примирјето, во средата рече дека нападот врз израелскиот војник и последователните израелски воздушни напади биле „многу разочарувачки и фрустрирачки“.

Раселените Палестинци стравуваа дека примирјето може да биде прекршено.

„Звуците од експлозии и авиони нè натераа да се чувствуваме како војната повторно да започнала“, рече 40-годишниот Исмаил Зајда, кој живее во шатор во градот Газа со своето 25-члено семејство.

Според договорот, Хамас ги ослободи сите живи заложници во замена за речиси 2.000 палестински затвореници и воени заробеници, додека Израел ги повлече своите трупи и ја запре својата офанзива.

Хамас, исто така, се согласи да ги предаде останките од сите мртви заложници кои сè уште не се пронајдени, но рече дека ќе биде потребно време за да се лоцираат и нивните останки да бидат предадени поради тоа што се наоѓаат под урнатини и уништени тунели. Израел вообичаено го обвинува Хамас за кршење на примирјето со одложување на предавањето на телата.

globe

Слични новости

Мировниот договор за Украина е многу блиску, вели американскиот претставник Келог

Мировниот договор за Украина е многу блиску, вели американскиот претставник Келог

Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина изјави дека договорот за завршување на војната во Украина е „многу блиску“ и дека сега зависи од решавањето на две главни отворени прашања – иднината на украинскиот регион Донбас и нуклеарната централа Запорожје

Кинески авиони насочиле воен радар кон јапонски авиони

Кинески авиони насочиле воен радар кон јапонски авиони

Јапонија во неделата соопшти дека кинеските борбени авиони насочиле радар за контрола на оган кон јапонски воени авиони во два „опасни“ инциденти во близина на островската група Окинава во Јапонија, тврдење што Пекинг го негираше