Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес учествуваше и се обрати на панел-дискусијата „Евро-атлантската безбедносна динамика: Предизвици за НАТО, Европа и процесот на проширување кон Западен Балкан“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) во соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Настанот го означи и официјалното отворање на Регионалната школа за безбедност 2025, која традиционално обединува млади професионалци, студенти и експерти за размена на искуства и дискусија за актуелните безбедносни предизвици.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на меѓународната соработка и стабилноста на Западен Балкан, особено во контекст на актуелните глобални и регионални безбедносни предизвици. Потсети дека оваа година се одбележуваат пет години од членството на Македонија во НАТО, нагласувајќи ја посветеноста на државата во зајакнувањето на колективната одбрана, стабилноста на регионот и поддршката за Источното крило на НАТО.
Министерот ја реафирмираше континуираната поддршка на Македонија за Украина. Тој нагласи дека во време на зголемени безбедносни предизвици, неопходно е да се гради отпорност кон хибридни и сајбер-закани, дезинформации и економска принуда, при што државата веќе презема значајни чекори, вклучувајќи го и усвојувањето на Националната стратегија за сајбер безбедност (2025-2028).
Безбедноста и стабилноста на Македонија е нераскинливо поврзана со стабилноста на целиот Западен Балкан. Во тој контекст, министерот истакна дека регионалната соработка и европската интеграција се патот кон одржлив мир и просперитет.
Во своите воведни излагања, претставниците на организаторите – Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер, Катерина Јакимовска од Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс во Брисел и проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет, ја потенцираа важноста на ваквите настани за подигнување на свеста кај младите лидери и нивната улога во градење стабилни и безбедни општества.
Слични новости
Притвор за Капушевски и уште две лица, а за Јаховски куќен притвор
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки притвор и мерки за обезбедување присуство против 13 лица, поврзани со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, а кои дел беа спроведени во судот во вторникот попладнето донел решенија
Владата ги донесе измените и дополнувањата на Законот за медиуми
Владата на денешната 57-ма седница го донесе предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми
Собранието изгласа недоверба на членовите на Судски совет Црвенковска и Адеми
Собранието попладнево во рамки на 40. седница изгласа недоверба на членовите на Судскиот совет Павлина Црвенковска и Селим Адеми, а претходно и на Весна Дамева.