Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција, истакна дека со коалицискиот партнер „Вреди“ разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда (11 декември) ќе биде на дневен ред во Уставниот суд, но порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“.
Рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници. Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека такви обиди ќе има и во иднина од таа политичка партија.
„Затоа што принципот „како до сега“ заврши на 8 мај и тој принцип е поразен. Но, сè уште покажува знаци на живот и гледаме дека единствената тема со која Демократската унија за интеграција е присутна во јавност е да направат одредена поделба по етничка основа, ги третираат само етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат внимание, ниту да наметнат тема, ниту да привлечат луѓе коишто ќе ги поддржуваат. Бидејќи се обидоа со „зелената агенда“, видовте како завршија, и се вратија во опозиција на единствената тема којашто за нив можеби носи некаков резултат“, рече Мицкоски.
Според него, ДУИ се обидува да направи две работи – да ги подели граѓаните, за што, рече, од фотографии се видело дека високи претставници на ДУИ се имаат сликано со „насилниците што го палеа државното знаме“ и дека тоа е „јасен индикатор кој стои зад сето тоа, што го потврдуваат и информации од МВР“.
„Втората теза е дека тие, ДУИ, бидејќи 20 и кусур години поставуваат судии, знаат дека ништо нема да се случи во среда. Па кога ништо нема да се случи во среда, бидејќи се знае какви се процедурите на Уставниот суд итн., ќе излезат во јавноста и ќе кажат: „Еве ние правевме притисоци и затоа сега ништо не се случи во среда“. Затоа што за било што да се случи и за било кој да направи нешто таму, потребни се уште неколку чекори за да дојдеме до било каква акција. Во среда нема ништо да се случи, затоа што има подготвителни седници итн., итн. Но, тие повторно ги злоупотребуваат Албанците, но и Македонците, но и останатите ги малтретираат во државава со обид за поделба и да привлечат кон себе внимание“, истакна Мицкоски.
Ги замоли сите граѓани да бидат спокојни затоа што, рече Мицковски, „ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал, кој набргу од денеска ќе почне да се обелоденува“.
„Без разлика што се тие жилави, имаат свои инфилтрати во Обвинителството и во судството, без разлика колку ќе трае оваа наша борба, ќе ги поразиме. И едните, кои се слуги на овие, но и овие. И мора јавноста, и Македонците, и Албанците, но и сите останати, да ја дознаат вистинската вистина што се крие зад оваа хајка на овие политички профитери. И многу скоро од денеска ќе се дознае“, рече Мицкоски.
Очекува ДУИ и неговото политичко раководство во наредниот период „да продолжи со политички маневри на истата оваа тема“.
На прашање дали Законот за употреба на јазиците „може да се врати во Собранието на доработка за да се подобри“, Мицкоски одговори дека процедурата е почната и мора да има крај.
„Ние не можеме да речеме дека не важи. Единствено тие што ја поднеле можат да ја повлечат или Уставниот суд да ја отфрли како нерелевантна. Па дури потоа ние може да зборуваме дали, како, што, и да влегуваме во зона на претпоставки“, рече Мицкоски.
Повеќе од 250 интелектуалци – Албанци на 7 декември испратија отворено писмо до Уставниот суд, во кое бараат да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик.
Опозициската Демократска Унија за интеграција (ДУИ) го квалификува Законот за јазиците како еден од клучните столбови на Рамковниот договор и најави дека ако Уставниот суд го укине овој закон, „последиците ќе бидат непоправливи и нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа“.
ДУИ најави дека в понеделник на состанок на највисокото партиско раководство ќе одлучува за натамошните чекори и конкретните мерки во контекст на претстојните одлуки што треба да ги донесе Уставниот суд.
Законот за употреба на јазиците беше оспорен во 2019 година, со 12 иницијативи поднесени од граѓани, политички партии(меѓу кои владеачката ВМРО-ДПМНЕ) и здруженија. Тие го спорат Законот во целина и најголем дел од членовите одделно, како и Указот за прогласување на Законот затоа што не беше потпишан од тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов.
Слични новости
Втор ден од посетата на Мицкоски на Брисел
Премиерот Христијан Мицкоски, кој од вчера престојува во посета на Брисел, денеска ќе учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП) на кој главни теми ќе бидат подготовките за денешниот Европскиот совет и проширувањето на ЕУ.
Мицкоски: Нашето место е во ЕУ, да бидеме рамноправна и полноправна членка
Присутни сме во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите
Средба Гаши – Ларше: Апел за позасилен француски ангажман, со цел што поскоро отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ
Делегацијата предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, во рамки на својата работна посета на Париз, денеска оствари средба и со претседателот на Сенатот на Француската Република, Жерар Ларше.