Министрите за надворешни работи на Европската унија треба да се состанат во понеделник за да разговараат за нова иницијатива која би можела да обезбеди милијарди евра дополнителна воена помош за Украина.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас предложи на Украина да ѝ се обезбеди помош вредна меѓу 20 и 40 милијарди евра, јави dpa. Земјите-членки на ЕУ би придонеле за оваа сума врз основа на нивната економска сила.

 

Со цел да се спречи можното вето од страна на поединечни влади, учеството во иницијативата би било доброволно, се наведува во текстот до кој пристап имала германската новинска агенција dpa.

Унгарија во минатото одбиваше да ја поддржи воената помош на ЕУ за Украина, нарекувајќи ја бесмислена и велејќи дека ја продолжува војната и страдањата на цивилите.

Министрите за надворешни работи не се очекува да постигнат договор за иницијативата, велат дипломатите, сугерирајќи дека ќе бидат потребни дополнителни разговори меѓу челниците на земјите. Тие треба да се сретнат во четврток на самит.

За некои земји, како Германија, поддршката предложена од Калас не би била проблем. Берлин веќе одобри помош од вкупно 4 милијарди евра за оваа година, а наскоро ќе бидат додадени уште 3 милијарди евра.

Меѓутоа, другите големи земји како Франција, Италија и Шпанија би морале значително да ја зголемат поддршката за Украина доколку сакаат да дадат придонес во фондот што е пропорционален на нивната економска сила.

Покрај финансиските ветувања, иницијативата поставува и цел за земјите-учеснички да достават два милиони парчиња артилериска муниција во Киев оваа година.

Други теми на агендата на состанокот се односите на ЕУ со САД, нејзината политика кон Иран и ситуацијата на Блискиот исток, како и Сирија.

globe

Слични новости

Калас: Широка политичка поддршка за нова воена помош за Украина

Калас: Широка политичка поддршка за нова воена помош за Украина

Има широка политичка поддршка за да се обезбеди воена помош на Украина во вредност до 40 милијарди евра, а разговорите за деталите сега се во тек, изјави во понеделникот високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас