„Денес не видовме ништо од нашата правда. Ако не си го кажеме и нашето – толку ќе биде“. Со овие зборови мајка на едно од загинатите деца во Кочани ја опиша денешната расправа на Постојаната анкетната комисија на Собранието за трагедијата во „Пулс“, на која дојде целиот државен врв, се фотографираа и си заминаа бидејќи биле тука – за да слушаат.

Не слушаше само пратеничката Иванка Василевска (ВМРО-ДПМНЕ), која само што почнаа побара еден час пауза, тврдејќи дека претседавачот Димитар Апасиев од Левица треба да биде изземен бидејќи не верува оти судскиот процес ќе донесе правда, така што е субјективен, а ги викнал тука за да „копа по нивната болка“, односно политички да ги злоупотребува. Таа дури понуди родителите да дојдат во нејзина канцеларија за да ги објасни намерите на Апасиев на што тие револтирано гестикулираа „не“, па по паузата и по тој срам, седна што подалеку од првиот ред.

Место тоа, обраќањето на мајките на загинатите беше директно и без ракавици. Една од нив се сврте директно кон премиерот и му порача дека иако нема основа за кривична одговорност, има за негова морална одговорност.

„Денеска не сме тука некој да манипулира со нас. За мене ова претставува злосторничко здружување – смртоносна недела, загрозување на уставниот поредок и безбедноста, што доведе до насилна и прерана смрт на неколку генерации млади кои беа на концерт на групата ДНК. Не беа во диско, тоа е погрешно претставено. Беа на концерт, а на концерт може да отиде и дете од две години и старец. Кој ни ја гарантира безбедноста? Секој од нас можел да биде таму“, рече мајката.

Таа истакна дека трагедијата не се случила „пред 20 години“, туку на 15 кон 16 март годинава, а до денес ниту една институција, како што рече, не ги прифатила нивните барања.

Обраќајќи се кон премиерот, таа нагласи: „Премиере цинично ми се исмевате, но до денеска од вас не добив одговор на тие прашања! Јас кога ќе го видам документот кој ја потпишал акциската контрола, министерот (Панче) Тошковски сакам да ми одговори на тоа прашање кој ја потшишал и наредил полициската контрола во Кочани таа ноќ? Во 12 часот сите биле од СВР Штип и ОВР Кочани пред дискотеката, во 12 часот. Во 12 да се почнело со рацијата нашите деца ќе беа живи немаше да бидат мртви“, му се обрати таа директно на Мицкоски, а тој не ни трепна ниту одговори.

Потоа, таа го покрена прашањето за неговата моралната одговорност и на институциите.

„Како би реагирале да е вашето дете? Не ве напаѓам, истото би го кажала и да беше друга власт. Јас моето дете сама го зедов мртво – тоа беше хорор“, рече таа, па ги посочи како одговорни АНБ, БНБ, ЦУК, СВР Штип, ОВР Кочани, Министерството за економија и, како што рече, монструмот Деко, неговиот син, неговата сопруга, неговиот брат и неговиот зет кои се обидувале да ги прикријат доказите.

Марија Петрушова, мајка на друго загинато дете, праша зошто за пожарот не се гонат и актуелните функционери, посочувајќи ги директно актуелниот министер за економија и сегашниот директор на ДПИ, иако нивните институции се дел од истиот систем на контрола и лиценцирање.

Токму тука, според семејствата, се гледа „монтажата“ на одговорноста: се гонат поранешни функционери и службеници, додека сегашните раководители остануваат надвор од судската приказна, иако трагедијата се случила во време кога тие веќе седеле на функциите и имале можност да проверат како работи клубот. Прашањето што Петрушова го постави пред Комисијата беше едноставно, но тешко: ако за објект што со години работел незаконски никој од актуелните раководители не сноси одговорност, каква порака се испраќа до граѓаните?

Таа потсети дека во пожарот во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, на 16 март годинава, 63 млади луѓе го загубија животот, а близу 200 беа повредени – најсмртоносната несреќа од ваков тип во поновата историја на земјата. Клубот работел со години без минимални технички услови, без противпожарна заштита и со реконструкции без дозволи, додека институциите формално требало да го контролираат.

„Секој граѓанин мора да се запраша – што се случува со нашите животи ако вакво нешто може да се повтори? Каде е безбедноста што државата треба да ја гарантира? Ние сме овде за да бараме правда. Не можеме да останеме безгрижни. Нашето барање е овој случај да се третира како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот. Она што го доживеавме претставува системска опасност за сите граѓани“, рече таа.

Таа направи и пресек на целиот синџир институции кои имале надлежност и увид во работата на дискотеката: Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, СВР Штип и ОВР Кочани, инспекторите за економски криминал, локалната самоуправа и општинските инспекции, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, УЈП, Државниот завод за статистика и приватната агенција за обезбедување „Рубикон“. Наместо да ги заштитат младите, рече таа, системот ги оставил во објект кој работел незаконски и без соодветни стандарди за безбедност. Животите на децата, заклучи таа, трагично згаснале поради неспособност, неодговорност и корупција која, како што рече, го опфаќа целокупниот систем на власт.

Обидот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со процедурални забелешки да го оспорат свикувањето на Анкетната комисија, со тврдења дека таа може да компромитира докази во судскиот процес, дека нема да „донесе правда“ како што сакаат родителите, бидејќи не е истражна, дека преку неа политички ги искористуваат – го испровоцира Иван Ивановски од иницијативата „Сапорт Кочани“.

„Прво да ве прашам, дали одморивте, како се викавте, Иванка, Ивона… не ве гледам, тука седеше, излезе ли? Како не ви е срам? Тука пред нас од Кочани вие се препукувате! Расправата уште не ни почнала, вие барате пауза од еден саат! Ние за еден саат цела веб-страница направивме од ‘Сапорт Кочани’ за да помогнеме! Ако вие мислите дека ова ви е уште една политичка активност, ние тоа нема да ви го дозволиме. Родителите девет месеци немаат спиено, а вие пауза барате. Ние од ‘Супорт Кочани’ немаме спиено девет месеци, а работиме волонтерски. На кондиција ли мислите дека ќе нѐ фатите“, праша Ивановски.
Тој притоа им порача дека ова не е прашање на политика, туку прашање за живот во Кочани и дека тие се последна генерација таму што може да смени нешто и нема да се откажат до крај. в

Од неговото обраќање се виде јасно дека го сфати како политички театар и маневар за извлекување од расправата говорот на Иванка Василевска, која прво со тажен и треперлив глас ги уверуваше дека нивната болка е и нејзина, а потоа најде причина да ја оспори комисијата, т.е. да ги замолчи. Потоа почна да вика по Апасиев дека не смее да ја води оваа Комисија бидејќи однапред обвинението го осудил на пропаст, цитираше што зборувал за истрагата и за обвинението, не им дал материјали на пратениците навреме и слично. Василевска истакна дека како професор по право, искусна пратеничка, но пред сè како мајка, сестра и пријателка, чувствува обврска да укаже на сериозноста на ситуацијата во која претседавачот на комисијата ја доведува јавноста и се обрати директно на претседавачот Апасиев:

„Колега Апасиев, дозволете ми да ви посочам дека денешното постапување на Постојаната анкетна комисија за човекови права е регулирано со Законот за постапување по поднесоци и претставки, каде во членот 10 се забранува да се постапува по претставка, каде веќе има судска постапка за истата работа. Колега Апасиев, вие како правник сте должен да го знаете ова, токму затоа вашето однесување изгледа уште посомнително“, истакна Василевска.

Според неа, и самиот сомнеж е доволна причина за изземање, па истакна дека болката и борбата на семејствата бараат непристрасност, а не однапред пресудени ставови за тоа кој и како ќе одговара.

„Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“, децидна беше Василевска.

Дека ваквото обраќање беше став на целата партија се виде потоа и од изјавата на премиерот кој рече дека сите тука тврдат дека бараат правда, а таа треба да ја донесат судовите а не Комисијата.

„Правда во рамки на анкетна комисија не може да има, туку само во судски процес. На седницата беше прочитано писмото од Јавниот обвинител дека не може да присуствува затоа што ако ги изнесе деталите и фактите од истрагата, тога ќе влијае на истрагата. За да имате правда, треба да имате факти од истата, а на може да ги изнесете на анкетна комисија поради тоа што ќе ја компромитирате истрагата и процесот, и тие кои треба да бидат одговорни, нема повеќе да бидат одговорни. Вистинското прашање зошто токму сега се свикува, девет месеци по трагедијата и зошто континуирано некој постојано прави политички егзибиции“, рече Мицкоски во изјава за новинарите пред Собранието.

Практично, иако се појавија на седницата, иако повеќето од присустните од власта беа облечени во црно, правеа се да го опструираат настанот. Она што беше најкуриозитетно е што и премиерот и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како главен аргумент дека расправа за Кочани не треба да има го посочија одговорот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски на спикерот Африм Гаши кој пак се однесува на другата, како што ја нарече Апасиев, вмровска анкетна комисија за Кочани и другите трагедии. Толку им беа полни устите со Коцевски, толку многу го цитираа од писмото што беше збунувачки по сите обвинувања дека им служи на СДСМ. А неколку часа подоцна стигна информацијата дека Владата денеска усвоила предлог за негово разрешување.

Во расправата се кажаа и некои други важни пораки – дека им треба вистинска а не ваква правда кога многу од тие што треба да бидат обвинети од актуелната гарнитура не се дел од судскиот процес, а министер со службено возило доаѓа на рочишта, иако одамна требало да биде разрешен. Петрушова рече дека нивната борба за правда не е само нивна, туку и за сите деца и дека до трагедијата довеле неспособноста, неодговорноста и корупцијата на сите нивоа на власта.

Според неа, истрагата се води селективно и неажурно, дека корупцијата е овозможена од недоречени закони кои отвораат простор за богатење на поединци и дека место брза истрага гледаат обиди за оддолжувања. За девет месеци посочи таа ни владата ни премиерот не им одговориле на барањата, освен на едно писмо во кое најавиле дека им се највисок приоритет и оттогаш не добиле ништо, ни одговор ни поддршка. Притоа посочи дека има значителна разлика во институционалниот третман на погодените во другите трагедии и во оваа, бидејќи за модуларната болница во Тетово имало и комеморативна седница и двапати финансиска поддршка, а сега ни едното ни другото. Мицкоски пак на тоа прашање и денес одби „да коментира“.

Реџеп Исмаил од Левица посочи дека овој сектор, ноќниот живот, функционира во сива зона на економијата и е проблем дури и од хигиенски аспект, а не пак останатите.

„Нам не ни се случи една трагедија за 30 години за да речеме дека било судбина. Мораме еднаш да се вратиме назад и да најдеме системско решение. А, ние и по девет месеци не видовме ниту едно, освен забраната за пиротехника која сепак и натаму се употребува“, рече тој.

Според него, во Кочани потфрлија многу институции, од општината чиј градежен инспекторат легализирал дивоградба, инспекцијата која никогаш не направила контрола, МВР кое не ги детектирало пропустите, Министерството за економија кое дало фалсификувана лиценца, ДПИ кој воопшто не врши инспекции туку постои за да има директор со негови вработени и службено возило, трудов инспекторат, УЈП и други кои, како што рече, ја фрагментирале одговорноста до таму што не се знае кој е виновен. Безбедноста со приватни агенции не е само криминал, туку и избегнување на одговорноста на МВР, рече тој, повикувајќи дури и да се забранат за одреден период додека одново не се регулираат. Дури и кога се задоволува правдата, рече Исмаил, некои од осудените бегаат и се недостапни, додавајќи дека не се проблем само луѓето што управуваат со институциите туку и потребата да се задоволат апетитите на финансиерите на партиите.

Јована Мојсовска (Левица) оцени дека повторно се гледаат обиди да биде виновен кабелот и дека девет месеци чекаат да се смени Законот за угостителска дејност кој сега дозволува со изјава под лична и морална одговорност, т.е. на чесен збор, да се отвораат дискотеки.

„Не злоупотребуваат тие што бараат одговори туку тие што злоупотребуваат политичка одговорност“, порача таа околу тврдењата дека опозицијата ја користи расправата за политички поени.

globe

Слични новости

Мицкоски: Додека сум премиер, ниту еден бегалски шатор нема да никне во Македонија

Мицкоски: Додека сум премиер, ниту еден бегалски шатор нема да никне во Македонија

„Ги гледам овие салта и гимнастики кои ги прави опозицијата. Не само што не е вистина, туку за мене претставува чудно во отсуство на било каква идеја, која може да мобилизира или да придонесе во рамките на општестениов живот, вие за таа тема да вадите ваква кампања и тоа против партија од каде почива фундаменталната тема на политиките да се бориме против илегалната миграција

Советот на јавни обвинители ја прифати оставката на Мустафа Хајрулахи

Советот на јавни обвинители ја прифати оставката на Мустафа Хајрулахи

Советот на јавни обвинители на денешната седница донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител за Мустафа Хајрулахи, поранешен шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, по негово сопствено барање

Филипче најави онлајн-петиција „Не за мигранти“

Филипче најави онлајн-петиција „Не за мигранти“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја најави првата граѓанска иницијатива против, како што наведе претседателот Венко Филипче, опасните и штетни политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со можен прием на мигранти во земјата