Шпанскиот мотоциклист, 32-годишниот Марк Маркез, кој ја повреди клучната коска на десното рамо на Гран при на Индонезија на 5 октомври, нема да се врати на патеката оваа сезона, објави неговиот тим Дукати во четвртокот.

Маркез ја обезбеди титулата светски шампион во МотоГП една седмица претходно на Гран при на Јапонија, неговата седма титула во премиер класата. Се очекуваше да вози на последните две трки од календарот, Гран при на Португалија (9 ноември) и Гран при на Валенсија (16 ноември), но Дукати објави дека Маркез нема повторно да вози оваа сезона. Неговиот тим нагласи дека десната рака на Маркез ќе биде имобилизирана четири седмици и дека дури потоа ќе започне рехабилитацијата.

„По анализата, заклучивме дека е мудро да се држиме до временската рамка потребна за заздравување на таква повреда, дури и ако тоа значи дека нема да се тркам повторно оваа сезона. Ме очекува тешка зима и многу работа за да ги обновам мускулите и да бидам 100 отсто подготвен за новата сезона. Оваа одлука не смее да го засени она што го постигнавме оваа сезона, кога повторно ја освоивме светската титула. Наскоро повторно ќе славиме“, рече Маркез.

Маркез, исто така, ќе ги пропушти тестирањата за новата сезона поради повреденото рамо.

„Штета е бидејќи за нас е важно да го имаме на патеката. Сепак, приоритет е неговото закрепнување за да може да се врати 100 отсто подготвен за следната сезона“, истакна генералниот менаџер на Дукати, Луиџи Далиња.

globe

Слични новости

Харден десетти најдобар стрелец во НБА

Харден десетти најдобар стрелец во НБА

Џејмс Харден се проби меѓу десетте најдобри стрелци на сите времиња во НБА лигата, но неговите 34 поени не беа доволни синоќа да ги одведат неговите Лос Анџелес Клиперс до победа

Интер Мајами првпат ја освои МЛС

Интер Мајами првпат ја освои МЛС

Фудбалерите на Интер Мајами, предводени од легендарниот Аргентинец, 38-годишниот Лионел Меси, ја освоија шампионската титула во МЛС првпат во својата историја откако како домаќини ги победија Ванкувер Вајткепс со 3:1 во финалето