Славниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона починал во агонија од пулмонален едем и болест на срцевиот мускул, изјави медицински експерт на судењето во Буенос Аирес на седум медицински работници обвинети за невнимание што довела до неговата смрт.
Обвинетите се гонат за „убиство со крајна умисла“, карактеризирано кога едно лице ќе изврши несовесно дело знаејќи дека тоа може да предизвика нечија смрт.
Ним им се заканува затворска казна од осум до 25 години. Обвинетите се неврохирургот Леополд Луке, психијатарот Агустина Косахова, психологот Карлос Дијаз, медицинската кординаторка Ненси Форлини, координаторот на медицинските сестри Маријано Перони, клиничкиот лекар Педро Пабло Ди Спања и медицинската сестра Рикарда Алмирона.

Резултатите од аутопсијата на поранешната фудбалска ѕвезда сега првпат се објавени во јавноста, откривајќи дека Аргентинецот починал од акутен белодробен едем и болест на срцевиот мускул.
„Срцето на Марадона тежело речиси двојно повеќе од нормалното“, изјавил експертот за судска медицина Маурицио Касинели, додавајќи дека во белите дробови на Марадона се акумулирала вода „најмалку 10 дена“ пред неговата смрт, што сигурно предизвикувало „агонија“ најмалку 12 часа пред смртта.
„Лекарите и медицинските сестри кои се грижеле за него требало тоа да го забележато“, им рекол на судиите Касинели, кој има 36-годишно искуство и извршени повеќе од осум илјади обдукции.
Тој, исто така, опишал „заболени бубрези“ и знаци на нефроангиосклероза, состојба која влијае врз крвните садови на бубрезите. Покрај тоа, тој исто така покажа докази за цироза на црниот дроб.
На ќерката на Марадона, Јана, ѝ било премногу тешко да ја слуша презентацијата, па ја напуштила судницата пред да бидат прикажани експлицитните слики. Новинарите морале да ги остават мобилните телефони и биле предупредени дека снимањето е забрането.
По барање на одбраната на обвинетите, форензичарот Пабло Ферари, официјален експерт на аргентинскиот Врховен суд во провинцијата Буенос Аирес, минатата година спроведе посебна обдукција, оспорувајќи ги заклучоците што ги изнесе сега Касинели.
Извештајот на Ферари од 25 страници тврди дека „болната состојба на Марадона траела само неколку минути или најмногу неколку часа“.
Се очекува судењето да трае најмалку до средината на јули, а за тоа време ќе бидат сослушани 192 сведоци. Сите обвинети ја негираат вината.
Марадона беше подложен на операција на мозокот неколку седмици пред неговата смрт, а почина на 25 ноември 2020 година во приватна резиденција во северниот дел на Буенос Аирес.
Важи за еден од најдобрите фудбалери во историјата на фудбалот, а беше и капитен на аргентинската репрезентација која го освои првото место на Светското првенство во Мексико во 1986 година.
Во својата татковина играше за Аргентинос Јуниорс, Бока Јуниорс и Њуелс Олд Бојс, во Шпанија за Барселона и Севиља, а во Италија за Наполи.

Слични новости
Голема мешаница во Минеаполис, седуммина исклучени
Голема мешаница, кошкања меѓу кошаркарите на Минесота и Детроит, го одбележа дуелот во „Таргет Центар“, на кој домашните Тимбервулфс на крајот победија 123:104
Меншик го освои првиот трофеј, Ѓоковиќ остана на 99 титули
Чешкиот 19-годишен тенисер Јакуб Меншик е изненадувачки победник на АТП Мастерс 1000 турнирот во Мајами, победувајќи го Србинот Новак Ѓоковиќ со 7-6 (4), 7-6 (4) во неделното финалеи и така го остави без стотата титулата во кариерата
Бетис го доби градското дерби со Севиља, Барселона ја одржува преднос пред Реал
Во последниот неделен натпревар од 29-то коло на шпанското фудбалско првенство, Реал Бетис ја совлада Севиља со 2:1 во градското дерби