Годините на ковид пандемијата не испозатворија дома главно пред телевизор. Не случајно во тој период платформата Нетфликс го доживеа својот бум, а неколку големи студија креираа сопствени стриминг платформи како Ворнер кој се здружи со Макс ТВ, Парамаунт плус заедно со линеарната телевизија Си Би Ес, Амазон, Дизни, а своја стриминг платформа направи и технолошкиот гигант Епл, кој влегува во продукција на се поамбициозен контент. Во мода влегоа високобуџетни и квалитетни серии, во кои беа ангажирани најдобрите актери. Филмот и киното беа на умирање.

Но 2023 го врати филмот назад. Годинава на доделувањето Златни глобуси, БАФТА и најпрестижните – оскарите ја има можеби најдобрата понуда на врвни филмови, уметнички дела кои го слават филмот, како што немало со децении. Квалитетот на уметничките дела е, се разбира, субјективна категорија. Како човек што долги години страсно го следи филмот како голем вљубеник, а и со скромни обиди во сценаристичките и продуценстките води, ќе се осмелам да го дадам моето лично видување на најдоброто од филмот во изминатата година.

Бездруго без здив ме остави последниот филм на најзначајниот режисер на нашата епоха Кристофер Нолан Опенхајмер. Станува збор за филм за научник од областа на квантната физика кој заработи една милијарда долари ! Но, пред се,станува збор за визуелен мастерпис и повеќеслојно врвно уметничко дело, каде што сите елементи  на филмската уметност блескаат сами по себе, а како заедничка синергија се фантастично аудио-визуелно доживување.

Аудио, затоа што долгата тишина по експлозијата на атомската бомба и заглушувачкиот звук на експлозијата речиси цела минута подоцна, ја симболизира и пораката на филмот, одложениот ефект на грижата на совест на Опенхајмер, кој по грозничавата трка со Германците прв да создаде атомска бомба, отпосле осознава колку му се крвави рацете. Експлозиите, приказот на ѕвездите кои се самопроголтуваат од сопствената гравитација, мајсторската визуелизација на апстрактната физика и вселената ме оставија буквално без здив со огромен восхит кон Нолан и неговиот директор на фотографија Хојте Ван Хојтема, фаворити за оскари во категоријата режисер и директор на фотографија. Сето тоа надополнето со нестварно убавата филмска музика на Лудвиг Горансон, кој речиси сигурно ќе го земе оскарот за еден чудесен саундтрак, кој го прави Опенхајмер уште поубав.

Целата оваа комплескна, речиси невозможна задача да се визуелизира апстракцијата, притоа без да се посегне по компјутерските анимации, без SGI дури и за самата експлозија на атомската бомба. Капата долу, за реткиот мајстор каков што е Нолан, кој расте од филм во филм. Што да се зборува за актерската игра. За посветеноста на Килијан Марфи кој научи холандски за куса секвенца од 30 секунди во филмот, ослабен и исушен, влезен целосно во ликот на Опенхајмер, или на маестралниот Роберт Дауни Џуниор кој со сигурност ќе го земе оскарот за споредна машка улога. Целиот ансамбл во Опенхајмер делува совршено. Заедно со Емили Блант, Мет Дејмон и споредните, но впечатливи улоги Кенет Брана како Нилс Бор или Гери Олдман како Хари Труман.  Без дилема, филмот на годината, нешто што не сме виделе со години и којзнае кога повторно ќе видиме !

Во годината на големи филмски дела, „Бедни суштества“ на мојот омилен режисер гркот Јоргос Лантимос ќе мора да биде второрангиран. Да не беше мастерписот на Нолан, бездруго ќе беше филм на годината. Нестварно убаво сниман, неверојатно раскошна визуелизација. Кај Нолан нема воопшто SGI, кај Лантимос пак, како контраст, има многу, но функционира беспрекорно. Зашеметени, не знаеме дали сме во викторијанска Англија или во некое идно време. Темата е повторно копнежот по ослободувањето како во неговиот мастерпис Dogtooth (Очник) снимен на грчки јазик, раскажан низ целосно аспурдна приказна. Впечаток е дека Бедни суштества е Очник, сниман со многу пари. Но, на крајот на краиштата, уметникот создава само едно уметничко дело во својот живот, а се друго е само варијација на тоа исто дело. Ема Стоун е фантастична, исто како и Марк Рафало. Режијата на апсурдот што стана препознатливост на Лантимос врвна. Не случајно доби 11 номинации за оскар, сите до една заслужени.

Да не заборавиме дека во годината што одмина со нов филм не почести и големиот мајстор Мартин Скорцесе во кој повторно брилјира можеби најголемиот жив актер на денешницата Роберт Де Ниро. Нема да не честат уште многу, и двајцата се во деветата деценија од животот, и двајцата заслужено номинирани за оскар, иако Скорцесе веројатно ќе загуби од Нолан во категоријата режисер, а Де Ниро од Дауни Џуниор за споредна машка улога. Филмот е еп за злостроствата на белиот човек врз Индијанците, целосен пресврт во наративот на Холивуд кој во времето на Џон Вејн и класичниот вестерн Индијанците ги прикажуваше како лошите, а геноцидот врз нив го оправдуваше како нешто природно, па дури и етичко.  

Во 2023 го имавме и „Holdovers“ на Александар Пејн, симпатична сторија за вечниот однос професор – студент и жртвата што професорот треба да ја преземе врз себе за просперитетот на младите пред кои е животот. Досега најдобро актерско остварување на Пол Џијамати, а секогаш бил одличен.

„Зона на интерес“ на Џонатан Глејзер е уште една приказна за холокаустот, но ужасот доловен дискретно, преку звуците во позадина од страдањата во логорот при сосема „нормалниот живот“ на семејството на управникот на Аушвиц Рудолф Хес чија куќа е залепена до Аушвиц.

И другите филмови номинирани за оскар на годината се значајни филмски остварувања кои доколку беше послаба конкуренцијата ќе беа и фаворити, но оваа година навистина ни го даде најдоброто од светот на филмот. Луѓето полека повторно се враќаат во кино салите. Имаше и зошто. И тоа е добро. И тоа за вистински филмови, затоа што модата на Марвел супер хероите одминува. Па дури и нека е за оној феномен Барби што заработи 1,5 милијарда долари само на кино благајните, а којзнае дали е филм….

Слични новости

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Победата на Трамп и кризата на традиционалните медиуми

Кампањата на Трамп не беше фокусирана дури ни кај традиционалните медиуми кои го поддржуваат како медиумите на Руперт Мардок. Очигледно е дека Трамп и неговите советници за кампања и медиуми подобро и повеќе знаеја која е Америка, што гледа и што слуша, откако нивната стратегија доби јасна верификација со изборниот резултат.

Силата на новата десница

Силата на новата десница

Можеби најзначајно од се во идеолошка смисла, е паѓањето, или барем поместувањето на таканаречениот „санитарен кордон“ околу есктремната десница.