Фудбалерите на Барселона први се пласираа во четвртфиналето од оваа сезона во Лигата на шампионите, а позната е и првата четвртфинална двојка, меѓусебно ќе играат Баерн и Интер.
Барселона обезбеди пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако во реваншот од осминафиналето како домажини на „Монжуик“ ја совладаа Бенфика со 3:1 и со тоа ја потврдија победата од 1:0 во Лисабон. Головите за Барса ги постигнаа Рафиња (11, 42) и Ламине Јамал (27), додека голот на гостите го постигна Николас Отаменди (13).
Шпанскиот гигант во четвртфиналето ќе игра со победникот од мечот Лил – Борусија Дортмунд, при што првиот натпревар заврши 1:1.
Ова беше трет натпревар меѓу Барселона и Бенфика оваа сезона. Во лигашката фаза од натпреварувањето, Барса победи со 5:4 во Лисабон со двата гола на Рафиња. Каталонците го добија првиот осминафинален натпревар на „Луж“ со уште еден гол на Рафиња иако на 70 минути беа со играч помалку, а вечерашниот реванш на „Монжуик“ заврши 3:1 со уште два гола на Рафиња. Така, одличниот бразилски напаѓач постигна пет гола на три натпревара против Бенфика.

Домашните поведоа во 11. минута, од кој „половината“ ја одработи Ламин Јамал кој „скрши“ двајца противнички играчи, а потоа нафрли на подалечната статива за Рафиња, кој погоди за водство од 1:0. Само две минути подоцна Бенфика израмни по корнер. Андреас Шјелдеруп ја нафрли топката, а Отаменди со глава ја внесе за 1:1. Радоста на Португалеците не траеше долго. Каталонскиот тим дојде до ново водство во 27. минута со фантастичниот гол на 17-годишниот Ламал. Тој ја прими топката по десната страна, го мина Томаш Араужо и од работ на шеснаесетникот благо ја закосо топката во спротивниот агол за 2:1. Во самиот финиш на полувремето Рафиња го постигна третиот гол за Барса. Се чинеше дека голот е постигнат од офсајд, но ВАР покажа дека сѐ е регуларно. Во преостанатиот дел од натпреварот, домаќинот го намали ритамот и рутински го заврши мечот без нови голови.
Баерн го совлада ривалот од Бундеслигата, Баер од Леверкузен со вкупни 5:0 и се пласираше во четвртфиналето каде ќе игра против Интер, кој го победи Феенорд со вкупни 4:1. Германското дерби беше решено во првиот натпревар кога Баерн победи со 3:0 на својата „Алијанц Арена“. Во Леверкузен, пак, Баварците ја одработија задачата и повторно славеа, овојпат со 2:0.
Во првото полувреме без голови, Баерн поведе со голот на Хари Кејн во 52. минута. Баер уште еднаш беше немоќен против Баерн. Исто како на првиот натпревар или на првенствениот натпревар кога мечот во Леверкузен заврши 0:0. Во 71. минута Баерн го зголеми водството, а по убав потег Алфонсо Дејвис го постигна домашниот гол.
Интер направи голем чекор кон четвртфиналето во првиот натпревар кога во Ротердам го совлада Феенорд со 2:0, а сите надежи на Холанѓаните пропаднаа во осмата минута од реваншот кога Турам откосо силно шутираше во спротивната страна од противничкиот гол. Феенорд израмни со голот на Модера од пенал во 42. минута, но на ист начин од белата точка возврати турскиот фудбалер Чалханоглу во 51. минута кој го врати Интер во водство.
И фудбалерите на Париз Сен Жермен ќе игра во четврфиналето на Лигата на шампионите, откако го елиминира Ливерпул со вкупни 5:2 по изведувањето пенали. Секој тим победи на гостинскиот терен 1:0 во оваа осминафинална пресметка, а реваншот на „Енфилд“ се играше 120 минути. При изведувањето на пенали, прво име во листата на стрелците беше голманот на ПСЖ, Италијанецот Џиџи Донарума, кој ги одбрани ударите на Дарвин Нуњез и Кертис Џонс, додека сите изведувачи на ПСЖ – Витиња, Гонкало Рамос, Дембеле и Дуе погодија за француското славје на „Енфилд“.
Во четвртфиналето ПСЖ ќе игра против победникот од мечот меѓу Астон Вила и Клуб Бриж, а англискиот тим го доби првиот натпревар како гостин со 3:1.
И покрај победата на Ливерпул од 1:0 во првиот натпревар, ПСЖ доминираше од првата до последната минута. Натпреварот на „Енфилд“ започна сосема поинаку, бидејќи на реваншот Ливерпул уште од самиот старт жестоко го нападна противникот. Салах имаше две одлични шанси во воведните шест минути. Првиот пат ударот беше блокиран од Мендеш, додека вториот пат напаѓачот на Ливерпул беше непрецизен.
Во 12. минута шок на другата страна. Фудбалерите на ПСЖ тогаш првпат на мечот се соочија со Алисон, а Дембеле ја пласираше топката во мрежата за да го анулира водството на Ливерпул од првиот натпревар. Набргу потоа ПСЖ можеше да поведе и од 2:0, но по перфектната асистенција на Кваратшкелија, Баркола се сплетка.
До крајот на првото полувреме се играше изедначено и многу отворено, но парижаните беа поконкретни. Дембеле имаше две одлични шанси, а Кваратшкелија еднаш опасно се закани. Од стартот на вториот дел Ливерпул играше поактивно и во најголем дел се играше пред голманот на ПСЖ, Донарума. На домашните им беше поништен гол поради офсајд, голот висеше во воздух, но гостите некако успеаја да го одвлечат натпреварот во продолжение.
На стартот од првото продолжение ПСЖ имаше две одлични шанси. Бералдо и Дуе шутираа, но Парижаните беа неколку сантиметри од водството. ПСЖ беше за нијанса подобар во второто продолжение, но кулминација на големата борба беше пенал рулетот, каде парискиот тим беше многу подобар.

Слични новости
Бостон ја забележа деветтата последователна победа
Бостон Селтикс ја продолжи победничката серија на девет натпревари откако синоќа на домашен терен ја совлада Јута Џез со 114:108, а Сем Хаузер постигна девет „тројки“ и постигна рекордни 33 поени за победа на домашната екипа
Лејкерси без Леброн загубија од Бруклин 108:111
Бруклин Нетс утринава славеа против Лејкерс со 111:108 во првиот меч на кој Лејкерс настапија без Леброн Џејмс по неговата повреда на левата препона.
Ливерпул – ПСЖ вечерва е најинтересната пресметка за влез во четвртфиналето на Лигата на шампионите
Менаџерот на Ливерпул Арне Слот изјави дека неговиот тим вечерва треба да го изигра најдобриот натпревар во сезоната за Ливерпул да се најде во четвртфиналето на Лигата на шампионите