Во тек се разговори меѓу Русија и САД за гасоводот Северен тек што ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море, изјави во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за руската државна телевизија.

Лавров рече дека би било интересно да се види „дали Американците ќе го искористат своето влијание врз Европа и ќе ја принудат да престане да го отфрла рускиот гас“, во прилогот на државната новинска агенција ТАСС.

Лавров не соопшти детали од разговорот. Неговите коментари следат по извештаите дека пуштањето во употреба на поновиот гасовод Северен тек 2, би можело да биде дел од американско-рускиот договор за ставање крај на војната во Украина, веројатно со учество на американски инвеститори.

Северен тек 2 не беше целосно пуштен во функција, откако го суспендираше германската влада по инвазијата на Русија на Украина во февруари 2022 година. Во подводни експлози во септември истата година беше уништена едната од двете цевководни линиии на завршениот гасовод.

Другите експлозии во исто време ги оштетија двата цевководи на гасоводот Северен тек 1, кој беше пуштен во употреба во 2011 година. Русија речиси целосно ги стопираше испораките преку овој гасовод на крајот од август 2022 година.

Лавров посочи дека рускиот гас бил одбиен од политички причини и дека тоа ја принудило германската индустрија да плати повисоки цени на енергијата. Во своите критики, тој за ваквата ситуација ги именуваше германскиот министер за економија во заминување Роберт Хабек, германскиот министер за одбрана во заминување Борис Писториус и претседателката на Комисијата на Европската унија, Урсула фон дер Лајен.

„Тие велат дека нема да го рестартираат Северен тек по секоја цена. Овие луѓе се болни или се самоубиствени“, рече шефот на руската дипломатија.

Откако беше прекината испораката на гасоводот, Германија увезува големи количества течен природен гас од САД и други извори.

globe

Слични новости

Бројот на загинати во зејотресот во Мјанмар порасна на над 1.000

Бројот на загинати во зејотресот во Мјанмар порасна на над 1.000

Бројот на загинати во зејотресот со сила од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар се искачи на 1,002, додека над 2.300 луѓе се повредени, соопшти војската на оваа земја. Уште 30 лица се водат како исчезнати, а спасувачките акции се во тек, пренесе агенцијата Синхуа.

Трамп повтори дека го сака Гренланд, Венс ја повика Данска дa не инвестира во безбедноста на островот

Трамп повтори дека го сака Гренланд, Венс ја повика Данска дa не инвестира во безбедноста на островот

Претседателот Доналд Трамп во петокот повтори дека сака да го присоедини Гренланд кон САД, тврдејќи дека тоа е многу важно за меѓународната безбедност, додека неговиот потпретседател ЏејДи Венс ја повика Данска да не инвестира во безбедноста на островот тврдејќи дека би му било подобо под „безбедносниот чадор“ на САД